Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски на пладне ќе се сретне со раководни структури на Интегра, во насока на најавеното окрупнување на опозицијата
Откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека дел од раководството на Интегра преминува во нивни редови, со демант излегоа од партијата Интегра.
Од таму велат дека лидерството на партијата е сплотено и дека минатиот месец единствено некои од партиските функционери и носители на листи биле разрешени или поднеле оставки.
„По изборите е спроведена идеолошка диференцијација во тимовите, минатиот месец со едногласна одлука на Претседателството разрешен е Воислав Зафировски од сите раководни позиции во партијата поради преминат праг на морална грешка, а во меѓусебен договор двајца носители на листа си поднесоа оставка. Сите други им беше оставено време и демократска можност да одлучат дали ќе продолжат на патот на самостоен настап на ИНТЕГРА во периодот пред нас или ќе се повлечат од понатамошни активности во партијата“,
се вели во нивното соопштение.
Од таму ги обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека и пред изборите и после тоа, вршеле притисоци кон лидерството на партијата.
„ИНТЕГРА беше под специјална војна на одметнати удбашки структури за време на изборите, а која не застана и потоа. Беа спроведени три операции ‘Понтиј Пилат’, ‘Понтонски мост’ и Ашовиот експеримент, а со цел да се стави под контрола лидерот Љупчо Ристовски и партијата да премине и продолжи приклонета, да одработува за ‘туѓи бели дворови’. ДП*НЕ во својата немоќ да се поврати од пропаста, прибегнува кон подли методи на клиентелистички поткуп, уцени и закани кон лидерството на ИНТЕГРА, свесни дека како партија и идеологија го губат тлото под нозете и дека ИНТЕГРА го презема приматот во опозицијата врз македонските национални интереси. Лидерството на ИНТЕГРА е монолитно, единствено, сплотено и поревносно од било кога во намерите да го задржи независниот стратегиски правец на политичката сцена и да ја продожи борбата против црно-белата погубна политичка карта во Македонија“,
се вели во нивното соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски ќе се сретне со раководни структури на Интегра, во насока на најавеното окрупнување на опозицијата.