Во фокус на истражувањето во периодот јули – декември 2022 година беа дискусиите што се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на правото, човековите права и демократија, информираат од Институтот за демократија
На скала од 1 до 10, оценката за квалитетот на дебатата во Собранието на Република Северна Македонија за второто полугодие на 2022 е 5,7. Ова го покажа набљудувањето на Институтот за демократија во периодот јули – декември 2022 година. Во фокус на истражувањето беа дискусиите што се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија, информираат од Институтот за демократија.
Оттаму посочуваат дека генерално се забележува мало подобрување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието, во споредба со претходниот период на набљудување јануари – јуни 2022 година.
„Говорниците во 39 отсто од нивните излагања немаа аргументи, додека во 54 проценти слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7 отсто од дискусијата. Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците, ниту поради други причини“,
потенцираат од Институтот за демократија.

Кога станува збор за односот на пратениците кон личноста на своите колеги од друга политичка партија, набљудувачите воочиле дека во 17 отсто од дискусијата е искажано почитување што е значителен напредок за разлика од претходниот период на набљудување кога експлицитно почитување било искажано во 1 процент од случаите.

„Но и покрај ова подобрување, пратениците и понатаму повеќе се осврнуваат кон личните карактеристики на соговорниците, отколку кон суштинско разгледување на нивните аргументи“,
се наведува во истражувањето на Институтот.
Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во околу 87 отсто од нивната дискусија не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.
Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 63 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 37 проценти.
„Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски и Гордана Сиљановска-Давкова“,
информираат од Институтот за демократија.
Меѓу најактивните 10 пратеници, се најдоа само три пратенички, Гордана Сиљјановска-Давкова, Лидија Петкоска и Ели Панова, сите од опозицијата.

Забележително е и тоа што во овој период учеството на жените во дискусијата изнесува 45 отсто и претставува највисоко учество во споредба со сите претходно набљудувани мандати, посочуваат од Институтот.
Институтот за демократија од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на законодавниот дом генерално. Во јануари 2020 година, почна четвртиот циклус на мониторинг, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржана од Владата на Швајцарија. Овој проект се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).