„На 1 април 2020 г. вработените во АД „Водостопанство“ ме спречија да извршам инспекциски надзор. Поради тоа, изречена е забрана ова правно лице да врши вадење песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водотеците додека трае вонредната состојба. „Водостопанство“ е задолжено за забраната веднаш да ги извести сите правни лица со кои има договор за црпење песок од речните корита, како и сите полициски станици во општините каде што има локации за црпење песок“, вели за „360 степени“ водостопанската инспекторка Лидија Зафировска.
Кога во декември бевме на реката Брегалница во штипско Карбинци, земјоделците со жив штит ја бранеа реката од уредување. Обвинуваа дека фирмата ангажирана за регулација на речното корито само црпи песок кој потоа го препродава. Увид тогаш направи водостопанскaта инспекторка Лидија Зафировска. Таа констатира дека не се работи според добиената дозвола и ја задолжи фирмата да ги санира штетите, за да не ја изгуби трајно дозволата.
Четири месеци подоцна карбинчани велат дека уредувањето на реката, до крајот на март, било стопирано. По прогласувањето вонредна состојба, земјоделците кои имаат право на движење забележале разнесување на речен песок за време на полицискиот час.
„Седеа едно 3 месеци, сега значи за време на коронавирусот, искористија можноста дојдоа, багерот си работел, почнаа да копаат. Еве гледате, значи почнаа да го уредуваат речното, дали ви личи на вас ова на речно корито?“,
вели Марјан Стојанов, земјоделец од Карбинци.

Жителите веднаш пријавиле во Државниот инспекторат за животна средина. Инспекторката Лидија Зафировска потоа побарала увид во документацијата на АД „Водостопанство“ бидејќи во Карбинци копаат тие преку фирма подизведувач. Но:
„На 1.04.2020 г., вработените во АД ‘Водостопанство’ ме спречија да извршам инспекциски надзор. Поради тоа, изречена е забрана ова правно лице да врши вадење песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водотеците се додека трае вонредната состојба. ‘Водостопанство’ е задолжено за забраната веднаш да ги извести сите правни лица со кои има договор за црпење песок од речните корита, како и сите полициски станици во општините каде што има локации за црпење песок“,
вели за „360 степени“ инспекторката Зафировска.
Од „Водостопанство“ не одговорија зошто не дозволиле увид во документацијата. Но, забраната што ја изрекла инспекторката значи дека додека трае вонредната состојба секое уредување на реките е противзаконско.
Инспекторката Зафировска со месеци бара ресорното министерство да ги одземе сите дозволи за уредување на речните корита. Причината е несоодветното уредување, односно, Инспекторатот констатира дека не се уредува според предвидените проекти, туку само се црпи песок. „Водостопанство“ добива времени дозволи за уредување на речните корита, но поради недостиг на сопствена механизација на терен ангажира подизведувачи. Кога дозволите ќе истечат, подизведувачите се повлекуваат од терен, без разлика на состојбата што ја оставаат зад себе. Таков е примерот со реката Пчиња во Горно Коњари. Жителите велат дека непрописната работа го уништила и зелениот појас кој сами го насадиле за заштита од излевање на реката.
„Нивото на водата е спуштено некаде три до четири метри и тука веќе нема бериќет… узурпаторите, односно корисниците на дозволите наводно за регулирање на реката Пчиња, намерно ги исекоа со цел да предизвикаат катастрофа да направат поплави.
-Зошто би го направиле тоа намерно?
За да имаат алиби како можат наводно да кажат дека населението има потреба од некаква регулација“,
вели Раде Спасевски, жител на с. Горно Коњари.

Ресорното министерство досега немаше јасен став за злоупотребата на дозволите. Но, по најновиот случај во Карбинци, велат дека откако Инспекторатот ќе направи увид во дозволите, ќе постапат согласно насоките.
„По овој период (на вонредната состојба н.з.) … на предлог на Државниот инспекторат, не само оваа дозвола туку сите дозволи ќе се одземаат согласно Законот за води“,
ни одговорија од Министерството за животна средина.
Дотогаш „чувари“ на реките остануваат земјоделците оти немаат алтернатива.
„Само да не ни направат поголема штета, ќе ни падне речното корито, ќе ни ги однесе нивите“,
„Не може вака, никој не може да си поигрува со овој народ“,
реагираат земјоделците.
поврзана вест* (ВИДЕО) На хартија – уредување на речните корита, на терен – масовна кражба на песок
поврзана вест* Макрадули: Има многу контроверзии во црпењето речен песок, СДСМ треба да го предводи „Водостопанство“