Прелиминарните наоди предвидуваат раст на БДП од 3,8 проценти, на потрошувачките цени од 2,2 проценти, како и дефицит од 5,4 проценти од БДП
Нефункционалните кредити веројатно ќе забележат одредено зголемување, со изминувањето на регулаторната флексибилност и со постепеното намалување на фискалната поддршка за фирмите, се посочува во еден од заклучоците
Монетарната политика е соодветна и треба дополнително да биде олабавена. Неодамнешното зголемување на инфлацијата најмногу е резултат на глобалните фактори и е привремено… Ова, како што пренесуваат од Народната банка, се дел од заклучоците на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Берглјот Баркбу, по одржаните состаноци со надлежните институции.
Според посочувањата од ММФ, во последните месеци растот на глобалните цени на енергијата и на храната влијаеше врз инфлацијата. Иако, веројатно, ќе има некои преносни ефекти, се очекува дека инфлацијата ќе се намали во втората половина од годината. Се очекува дека потрошувачките цени ќе растат умерено – 2,2 проценти, во просек, во 2021 година.
Прелиминарните наоди на тимот на ММФ, по виртуелната посета на земјава од 6 до 17 мај, предвидуваат раст на БДП од 3,8 проценти, на потрошувачките цени со умерено темпо од 2,2 проценти, како и дефицит од 5,4 проценти од БДП.
Закрепнувањето на економската активност, посочуваат од тимот, е во тек и се очекува да биде поддржано со зголемувањето на стапката на вакцинација. Фискалната политика којашто дава поддршка и е добро таргетирана може да помогне да се обезбеди закрепнување и подготовка за постпандемискиот свет.
Како што информираат од Народната банка во изјавата дадена од мисијата на ММФ, е нагласено дека банкарскиот систем во целина е добро капитализиран и ликвиден.
„Нефункционалните кредити веројатно ќе забележат одредено зголемување, со изминувањето на регулаторната флексибилност и со постепеното намалување на фискалната поддршка за фирмите. Важно е да се задржат строгите правила за класификација на ризикот и за издвојување резервации за кредити, за да им се овозможи на банките да издвојат доволно резерви со кои би ги покриле потенцијалните загуби,“
се потенцира во изјавата на ММФ.
И овој пат, од мисијата на ММФ ја нагласуваат важноста на независноста на Народната банка.
„Зачувувањето на независноста во работењето на Народната банка на Северна Македонија (НБРСМ) е клучно за да се овозможи таа и понатаму да го остварува својот мандат за одржување на ценовната стабилност и заштита на финансиската стабилност,што се предуслови за одржлив економски раст“,
се истакнува во изјавата.
Од мисијата на ММФ напоменуваат дека, на иницијатива на Народната банка, нашата земја ќе учествува во новиот пилот-проект на ММФ – „Кодекс за транспарентност на централните банки“, при што е посочено дека тој може да помогне во понатамошното зајакнување на рамката за транспарентност и отчетност, со цел да се обезбедат ефективни резултати од политиките и дијалог со засегнатите страни.
Во изјавата, од Мисијата на ММФ посочуваат на очекувањето за економско закрепнување, што е условено од процесот на вакцинација и од натамошниот развој на коронавирусот.