Официјален Исламабад ги негира ваквите наводи, тврдејќи дека Пакистан ја слави својата победа
Само неколку часа по објавувањето на прекинот на огнот меѓу Индија и Пакистан пристигнаа извештаи за експлозии во градот Сринагар во индискиот дел на Кашмир, објави Би-би-си.

Главниот министер на регионот, Омар Абдула, на социјалните мрежи објави дека експлозии се слушнале низ целиот Сринагар.
Новинската агенција Ројтерс објави дека индиските власти го обвинуваат Пакистан за кршење на договорениот прекин на огнот.
„Пакистан го прекрши договореното примирје денес. Го повикуваме Пакистан да го запре прекршувањето“,
изјавил индискиот секретар за надворешни работи, Викрам Мисри, пренесува агенцијата.
Мисри, исто така, навел дека на индиските вооружени сили им биле дадени инструкции „силно да се справат со прекршувањата по должината на границата“.
Жители на Џаму и Сринагар за Ројтерс посведочиле дека слушнале и виделе експлозии во областите Џаму и Сринагар, како и проектили како прелетуваат на небото.
Од друга страна пакистанскиот министер за информации, Атаулах Тарар, во интервју за телевизијата „Џео њуз“ ги негирал индиските тврдења дека Пакистан го прекршил прекинот на огнот.
Тој како неосновани ги оценил извештаите лиферувани преку индиските медиуми, пренесе „Гардијан“.
„Пакистан не може да направи никакво прекршување на прекинот на огнот, ниту пак размислува за тоа. Ова е момент на прослава и пакистанската нација денес ја слави својата победа“,
рекол Тарар.
Индија и Пакистан се договорија за целосен и итен прекин на огнот по копно, воздух и море, кој стапи на сила денеска во 17 часот по локално време.
Претседателот на САД Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал (Truth Social) напиша дека прекинот на огнот бил резултат на „долга ноќ на разговори со посредство на САД“. Американскиот државен секретар Марко Рубио ги пофали Индија и Пакистан за нивната „мудрост“ и „разумност“.
Претходно оваа недела, Индија погоди цели во Пакистан и пакистански Кашмир , како одговор на смртоносниот милитантен напад врз индиски туристи во Пахалгам минатиот месец, за кој Исламабад негираше каква било вмешаност. Рубио рече дека Индија и Пакистан „се договориле за итен прекин на огнот и да започнат разговори за широк сет на прашања на неутрално место“.