Вкупно 25 вонредни стручни надзори досега се иницирани од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат за лекување пациенти со ковид-19.
Во 11 случаи се испитува смртта на лица под 40 години, кои починале од коронавирусот.
Директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова-Бухова, на денешната прес-конференција побара трпение од јавноста бидејќи, како што вели, истите доктори кои треба да го спроведат надзорот се ангажирани за лекување на пациенти болни од вирусот.
„ДЗСИ во континуитет врши вонредни инспекциски надзори. Во тек се 11 за помлади починати лица. Од нив три се затворени и нема да биде инициран стручен надзор, а за другите откако ќе се заврши постапката ќе се види дали има елементи за иницирање стручни надзори. Досега има 25 вонредни стручни надзори, но докторите кои ќе ги вршат стручните надзори се истите доктори кои се членови во Лекарската комора и кои во моментов работат деноноќно на лекување на пациентите. За да се избегне конфликт на интереси, се избираат доктори од различни институции, а не од таму каде што е настанат евентуален проблем. Затоа овие надзори траат повеќе, ве замолувам да имате трпение, бидејќи лекарите се преоптоварени, а ниту еден инициран стручен надзор нема да остане неодговорен“,
рече Бухова.
На прашање за случајот со жената која почина на штипското инфективно одделение, а за која семејството се жалеше дека пациентката го молела персоналот да добие кислород, Бухова рече дека надзор врши Лекарската комора и дека откако ќе биде завршен јавноста ќе биде информирана.