Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск ги врати профилите на социјалната мрежа на неколку новинари кои ги блокираше откако објавија податоци за неговиот приватен авион. Одлуката на милијардерот предизвика бран незадоволство и ја смени само еден ден откако ја објави во четвртокот.
Маск го направи ова откако се одлучи за анкетирање на корисниците на Твитер. Вкупно гласале 3,69 милиони луѓе, од кои речиси 59 отсто се изјасниле за враќање на блокираните профили.
„Луѓето го кажаа своето. Ќе биде тргната забраната на профилите што го објавија моето место на живеење“,
напиша Маск.
The people have spoken.
— Elon Musk (@elonmusk) December 17, 2022
Accounts who doxxed my location will have their suspension lifted now. https://t.co/MFdXbEQFCe
Европската унија и Обединетите нации вчера ја осудија одлуката на Твитер да ги суспендира профилите на неколку истакнати новинари кои неодамна пишуваа за новиот сопственик на социјалната мрежа Илон Маск.
ОН објавија на Твитер дека слободата на медиумите „не е играчка“, додека ЕУ се закани дека ќе ја санкционира платформата.
Мелиса Флеминг, заменик-генерален секретар на ОН за комуникации, рече дека е „длабоко вознемирена“ од извештаите дека новинарите биле „произволно“ суспендирани од Твитер.
„Слободниот печат е камен-темелник на демократските општества и клучна алатка во борбата против дезинформациите“,
рече таа.
Портпаролот на Њујорк Тајмс изјави дека суспензијата на профилите на Твитер на голем број истакнати новинари е сомнителна и несреќна и дека тие не добиле никакво објаснување зошто тоа се случило. Од Си-ен-ен велат дека суспензиите се вознемирувачки, но не и изненадувачки, побараа објаснување и најавија дека ќе го преиспитаат односот со платформата врз основа на нејзиниот одговор.