Јас сметам дека е неоправдано, неодржливо Судот да ве тера да ги исцрпите сите правни лекови за да докажете дека воопшто не требало ни да има судење. Тоа е спротивно на сите принципи на економичност, на ефикасност, меѓутоа Судот така одлучи – вели Влатко Илиевски, правен застапник на осуммина апликанти во Стразбур и сопруг на Гордана Јанкулоска
„Жалбите пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур не беа преуранети бидејќи ние не се жалевме на правичноста на постапката, туку тврдиме дека воопшто не треба да има постапка, затоа што сите осум лица беа помилувани од претседателот Ѓорге Иванов“, вели Влатко Илиевски, адвокат и сопруг на ексминистерката Гордана Јанкулоска, кој беше застапник на сите осуммина апликанти пред ЕСЧП. Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, тој најави дека ќе постапат по насоките од Стразбур – да ги искористат сите домашни правни лекови, иако гледа и политичка позадина во одлуката.
„Јас сметам дека е неоправдано, неодржливо Судот да ве тера да ги исцрпите сите правни лекови за да докажете дека воопшто не требало ни да има судење. Тоа е спротивно на сите принципи на економичност, на ефикасност, меѓутоа Судот така одлучи. Ѝ даде на Владата грејс-период од две години за да ги заврши сите почнати проекти од типот на уставни измени и слично, бидејќи сигурен сум дека поинаква одлука на Стразбур во овој период немаше да влијае позитивно на тие проекти“,
вели Илиевски.
Вратата во Стразбур не е затворена, но случајот на кој се повика Судот („Мамудовски против Република Македонија“ од 2009 г.) важи ако се жалевме на постапката, вели Илиевски и повторува дека апликациите биле поради тоа што сметале дека воопшто не треба да има судска постапка.
„Апликациите беа јасни и прецизни, тоа што на Судот му требаа пет години да каже дека се преуранети, само по себе кажува дека не се неосновани. Ако беа неосновани, немаше да чека пет години да ги одбие. И ако се чита меѓу редови одлуката од 16 февруари, ќе се види дека Судот во Стразбур им кажува на властите дека тоа досега што го правеле не е добро. Значи, дека премногу рестриктивно се применуваат законите, и тоа само домашните, дека треба пошироко да гледа и да прибегне кон директна примена на Европската конвенција за човекови права“,
вели Илиевски.
Одлуката со насоките е апсолутно во наша полза, вели Илиевски, но проблем е што ќе треба да се почека една до две години за повторно да се дојде на дневен ред да се одлучува во Европскиот суд за човекови права.
„Треба да се следат насоките што ги дава Европскиот суд за човекови права, бидејќи тие се задолжителни за Основниот, Апелациониот и Врховниот суд. Основниот суд, конкретно за ‘Таргет-Тврдина’ галантно ги реши со истата терминологија што беше досега користена – дека помилувањата се ништовни, дека претседателот немал законско овластување за тоа. Судот, апсолутно, не пристапи кон директна примена на Конвенцијата“,
додава адвокатот и сопруг на ексминистерката Јанкулоска.
Илиевски, сепак, не очекува кој било суд да се охрабри да донесе одлука на тој план сè до наредните избори, алудирајќи на политичка позадина на случаите во кои е обвинета неговата сопруга.
„Овие случаи се високо политизирани и мислам дека и кај судиите постои еден вид самоцензура, не сакаат да бидат доведени во немилост доколку одлучат на начин што е единствено можен, а тоа е да бидат прифатени помилувањата како валидни“,
вели Илиевски.