Тоа што Ковачевски и Ахмети се разочарани што немаат едвај 70 пратеници, не значи дека на другите пратеници не треба да им се дозволи да гласаат и да се види дека оваа иницијатива е пропаднат проект на СДС и ДУИ, изјави Антонијо Милошоски
Поддршка и благодарност за сплотеноста на пратеничката група и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на народот и да се противат на наметнати уставни измени под диктатот од официјална Софија, изразиле членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница, информира пратеникот Антонијо Милошоски.
„Уште на првата точка разговаравме за актуелната политичка состојба, поврзана со предложените владини уставни измени во Собранието. Првиот заклучок беше поддршка и благодарност од страна на Извршниот комитет за сплотеноста на пратеничката група и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Втората тема којашто исто така ја разговаравме во овој контекст е апел и барање до претседателот на Собранието да не го злоупотребува Деловникот. Тој е таму на таа позиција за да се овозможи да се носат одлуки, без разлика дали одлуката ѝ се допаѓа на власта или не ѝ се допаѓа. И третата работа којашто сметаме дека е политички исправна и потребна за Македонија во овој момент, е заклучокот на Извршниот комитет дека оваа власт е делегетимирана“,
изјави Милошоски по седницата на ИК.
Тоа што Ковачевски и Ахмети се разочарани што немаат едвај 70 пратеници, не значи дека на другите пратеници не треба да им се дозволи да гласаат и да се види дека оваа иницијатива е пропаднат проект на СДС и ДУИ, додаде тој.
„Легитимитетот на СДС и ДУИ, не само во однос на уставните измени, но исто така и во економијата, образованието, пензионерите, студентите, стопанството, е целосно нарушена и не нудат решение, туку создаваат повеќе проблеми. И затоа сметаме дека излезот од ваквата состојба би биле предвремени парламентарни избори во текот на оваа година. Тоа би требало да се договори со консензус на сите политички партии, да ги направат во најкус можен рок потребните измени и дополнувања на Изборниот законик и да одиме на избори за да може граѓаните кои го носат суверенитетот да ја донесат одлуката за решенијата за ваквата проблематична состојба во којашто власта ја донесе Македонија“,
реше Милошоски.
Прашан кои се следните чекори на партијата, Милошоски одговори дека ќе се понуди програма за излез од политичката и економска криза во која власта ја донесе државата.
На новинарско прашање дали има начин во овие моменти да се продолжи собраниската седница, тој потенцира дека прекинувањето на седницата е неделовнички и оти треба веднаш да се гласа за да се види дека волјата на народот е испочитувана и нема мнозинство пратеници кои би поддржале уставни измени под диктат на офијална Софија.
Претходно денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го обвинија претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека спротивно на Деловникот за работа на Законодавниот дом ја одложи точката за гласање за потребата за отворање на Уставот во петокот. Ставот на опозициската партија го изнесе пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција во Собранието.
Како што истакна тој, гласањето според Деловникот мораше да се случи во петокот кога беше завршен претресот по оваа точка и имаше обезбедено кворум за гласање.
Претседателот на Собранието на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека постапил неделовнички кога го одложил гласањето за пристапување кон измени на Уставот. Тој рече дека врз основа на координацијата со пратеничките групи политички оценил дека треба да ја прекине седницата и за нејзиното продолжение дополнително да ги извести пратениците.
„Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребно за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно’. Ова е текстот на став 1 од член 81 врз основа на кој сум ја прекинал седницата, а во ставот 5 стои ‘времето за продолжување на прекината седница го определува претседателот на Собранието’ и никој друг. Тоа се дискрециски права (на претседателот на Собранието) според Деловникот“,
рече Џафери на денешната прес-конференција.