Таа додава дека граѓаните можат да бидат спокојни бидејќи се информирани од СЗО дека на бродот не постои македонски државјанин, ниту како патник ниту како член на екипажот, но сепак без оглед што ваков тип не е дијагностициран во моментот, Андоновска препорачува граѓаните да имаат високо ниво на хигиена и особено да избегнуваат храна од магацини и пазари кои стоеле на отворено

Не постои опасност од појава на хантавирусот во земјава и нема ризик за македонските граѓани, вели директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Таа вели дека Секторот за епидемиологија при ИЈЗ на дневна основа е во контакт со Светската здравствена организација (СЗО) и со Европскиот центар за контрола на болестите, од каде што ги добива сите потребни податоци за какво било преземање активности ако има потреба.
Андоновска образложи дека хантавирусот не е нов вирус и има два типа, од кои едниот е европско-азискиот, кој е со ренални симптоми, а другиот е откриениот на крузерот што пловел по Атлантскиот Океан, а тоа е американскиот, кој дава респираторна симптоматологија.
Таа додава дека граѓаните можат да бидат спокојни бидејќи се информирани од СЗО дека на бродот не постои македонски државјанин, ниту како патник ниту како член на екипажот.
Сепак, без оглед што ваков тип не е дијагностициран во моментот, таа препорачува граѓаните да имаат високо ниво на хигиена и особено да избегнуваат храна од магацини и пазари кои стоеле на отворено.
„Да се избегнуваат семки, сончогледи и конзерви, кои стоеле во магацини или на отворено и кои може да бидат евентуално контаминирани со некаков секрет или екстрет од страна на каков било глодач. Значи, да внимаваат особено на тоа. Како ИЈЗ препорачуваме задолжителната дератизација, што треба да ја прават општините двапати во годината, да биде спроведена адекватно и соодветно“,
рече Андоновска.
Андоновска рече дека првиот тип хантавирус бил дијагностициран во Македонија во 2015 година и досега имало 32 случаи, од кои тројца починале.
„Од 2015 година во ИЈЗ постои можност за негово дијагностицирање. Во 2018 година имаше епидемија од хантавирусот на едно бачило во Гостиварско, каде што практично луѓето што биле таму се заразиле од глодачи. Овој што веќе сме го имале во Македонија се пренесува само од глодач на човек и не се пренесува од човек на човек, и симптоматологијата му се разликува од оној што е детектиран на крузерот“,
додава таа.
Рече и дека ИЈЗ располага со целосна опрема, кадар и реагенси за натамошно постапување, но оти не верува дека ќе дојде до такво нешто.
Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ова не е ковид и оти овој вирус веќе постои и за него има сознанија.
„Една од варијантитите веќе сме ја имале во државата и не се пренесува толку бргу. Дури и респираторниот, кој е докажан на крузерот, се пренесува како првиот – од глодач на човек, но постои можност за пренос од човек на човек. Ние немаме информации дали станува збор за некаква мутација, која е надвор од она што го има во книгите, но веруваме дека ситуацијата ќе биде нормализирана“,
додаде Андоновска.
Холандска брачна двојка и германски државјанин починаа од хантавирус на бродот „МВ Хондиус“, кој плови на Атлантикот. Потврдени се вкупно пет случаи на зараза со вирусот на бродот, а постојат уште три сомнителни случаи, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
