Водата да не се пие во првиот час, да се исчистат мрежичките на чешмите, да се испуштат сите чешми во домот…
Додека прекинот во водоснабдувањето и недостатокот на вода може да доведат до здравствени ризици, тие можат дури и да се зголемат по пуштањето на водата, предупредуваат од Институтот за јавно здравје. Па, институцијата упатува серија препораки и до граѓаните и до фирмите на територијата на Град Скопје, кои од синоќа се без вода:
- Граѓаните да не ја пијат водата веднаш по нејзиното пуштање во водоводната мрежа. Да се почека барем еден час затоа што контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата (време потребно резидуалниот хлор да почне да дејствува врз микробиомот присутен во водата), во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час;
- Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално туѓи тела (ситни зрнца песок или инсект и сл.). Во таков случај, повторно се препорачува истата да не се пие сè до момент на стабилизација на тие органолептички својства (боја, мирис, вкус, заматеност);
- Непосредно по доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие;
- По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите (во средство за чистење бања или бел оцет);
- Како дополнителна мерка на внимателност се препорачува, доколку граѓаните сепак одлучат веднаш да ја пијат водата, истата да се преврие многу кратко (1-2 минути), потоа да се разлади и консумира;
- Граѓаните треба да имаат предвид дека превриената вода го губи благопријатниот вкус. Истиот може да се подобри доколку водата се претура од една во друга чаша неколку пати, со цел да врзе повеќе кислород од воздухот (процес наречен аерација);
- Најдобро е во текот на првите часови по пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација;
- Во однос на водата за капење, препорачуваме по доаѓањето на водата во водоводната мрежа, задолжително да се зголеми температурата на водата во бојлерите (во кујна, бања и сл.), со цел дополнително превентивно термичко уништување на бактериите доколку потенцијално навлегле во водоводната мрежа;
- Најдобро е температурата на топлата вода во чешмите да биде над 55 °С, сепак потребна е мерка на внимателност да не дојде до изгореници особено кај мали деца или повозрасни лица.
Од синоќа, поголемиот дел од Скопје нема вода за пиење. Прекинот беше најавен, а целта на акцијата е да се подобрат водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, како и да се поправат значителни загуби на вода кои постојат во овие делови од градот.