Чешка денеска го откажа настапот откако неколку играчи биле позитивни на коронавирус
Првиот натпревар нашата репрезентација ќе го игра в четврток
Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) вечерва потврди дека македонската репрезентација ќе настапи на Светското првенство што утре започнува во Египет, откако претходно денеска Чешка го откажа настапот поради коронавирус во своите редови.
„Поради неколку позитивни резултати по задолжителното тестирање за ковид-19 пред заминувањето за Египет, репрезентацијата на Чешка официјално го откажа својот настап на 27-то Светско првенство, што од 13 до 31 јануари ќе се одржи во Египет. Во согласност со Ковид-19 протоколот и пропозициите, првата резерва – Северна Македонија – доби покана за настап“,
објави ИХФ.
Членовите на македонската ракометна репрезентација, во меѓувреме, беа тестирани на коронавирус во Скопје и сите резултати се негативни.
Избраниците на селекторот Данило Брестовац ќе играат во Г-групата заедно со домаќинот Египет, Чиле и репрезентацијата на Шведска, против која в четврток го играат првиот натпревар.
