Победникот на парламентарните избори и иден премиер на Словенија, Роберт Голоб, истакна дека неговата цел е да формира влада од луѓе кои се професионални и квалитетни, без разлика на нивната партиска припадност
Победникот на парламентарните избори и иден премиер на Словенија, Роберт Голоб, најави оти во најбрз можен рок, најверојатно денеска, ќе почнат консултациите со партнерските партии за формирање на новата словенечка влада.
Тој за словенечкото издание на порталот Н1 изјави дека очекува преговорите со идните коалициски партнери да започнат во вторник и истака дека неговото движење Слобода смета на сојуз со социјалдемократите (СД) на Тања Фајон, но и со Левица на Лука Месеца.
Голоб потврди дека би сакал да вклучи две партии од левиот центар во идната влада, кои не го поминаа цензусот на општите избори, а тоа се Листата на Марјан Шарец (ЛМШ) и Сојузот на Аленка Братушек (САБ).
Посочи и дека неговата цел е да формира влада од луѓе кои се професионални и квалитетни, без разлика на нивната партиска припадност.
„Ние не сме класична партија, ние сме движење. Затоа немаме партиска дисциплина ниту имаме намера да ја применуваме. Ние ги оценуваме поединците врз основа на нивната стручност и знаење. Партиското членство не е услов за добивање на функцијата“,
рече Голоб.
На парламентарните избори што се одржаа во саботата во Словенија, движењето Слобода на 55-годишниот менаџер од областа на енергетиката Роберт Гoлоб однесе убедлива победа. Според податоците на словенечката Државна изборна комисија на обработени 99,68 отсто од гласовите, тој освоил 34,54 отсто, што му носи рекордни 41 мандат во 90-члениот парламент.