Галоб освои рекордни 41 мандат што не му успеано никому во историјата на словенечката демократија. За формирање влада, се очекува тој главниот партнер да го бара во партијата на Социјалдемократите предвоена на Тања Фајон
Убедлива победа однесе Движењето Слобода на 55-годишниот енергетски менаџер Роберт Гoлоб на вчерашните парламентарни избори во Словенија. Според податоците на словенечката Државна изборна комисија на обработени 99,68 отсто од гласовите, тој освоил 34,54 отсто што му носи рекордни 41 мандат во 90-члениот парламент.
Свои пратеници ќе имаат уште четири партии кои успеаја да го поминат прагот од 4 отсто.
Второто место го зазема Словенечката демократска партија (СДС) на досегашниот премиер Јанез Јанша, кој веќе го призна поразот. СДС освои 23,53 отсто од гласовите или 27 мандати.
Како трета на вчерашните избори заврши демохристијанската Нова Словенија (НСИ) на Матеј Тонин, кој досега му беше коалициски партнер на Јанша. По вчерашните избори, и тој ќе оди во опозицскиот табор за што и самиот најави дека во иднина неговата партија ќе претставува конструктивна опозиција. НСИ освои 6,85 отсто од гласовите или 8 пратенички места.
Социјалдемократите (СД), предводени од Тања Фајон со 6,65 отсто од гласовите се пласираа на четвртото место и во парламентот ќе бидат застапени со 7 пратеници.
Левица предводена од Лука Месец е петтата партија која успеа да освои мандати. Со 4,38 отсто од освоените гласови, таа во парламентот ќе има пет пратеници.
Во словенечкиот парламент две места се резервирани и за националните малцинства односно за претставници на унгарската и италијанската заедница.
По вчерашната победа, Гoлоб најави брзо формирање влада, а очекувањата се дека главниот партнер за нејзино формирање тој ќе го бара во партијата на Тања Фајон. Доколку постигне договор и со Левица тој ќе си обезбеди уште поубедливо мнозинство.
Согласно политичката традиција се очекува Голоб да биде поддржан и од двајца претставници на малцинствата.