Партијата Движење за слобода предводена од Роберт Голоб е победник на парламентарните избори во Словенија со најмногу добиени гласови, а на второ место е Словенечката демократска партија (СДС) на актуелниот премиер Јанез Јанша, според излезната анкета објавена во 19 часот.
По затворањето на избирачките места, Голоб им се заблагодари на граѓаните кои излегоа да гласаат, особено на оние кои му ја донесоа изборната победа.
„Луѓето навистина веруваат дека ние сме единствените кои можеме да донесеме промени. Денеска луѓето танцуваат, утре започнува нов ден и утре ќе почнеме да се обидуваме да ја оправдаме таа доверба“,
рече Голоб.
Според излезната анкета која ја објавија словенечките медиуми по затворањето на избирачките места, Движењето за слобода доби 35,8 отсто од гласовите, а партијата СДС на Јанша 22,5 отсто. На трето место е демохристијанската Нова Словенија (НСИ) со 6,8 отсто од гласовите, а по неа се социјалдемократите (СД) на Тања Фајон со 6,6 отсто и Левицата (Л) на Лука Месец со 4,4 отсто.
Државната изборна комисија ги објави и првите делумни официјални резултати. По преброени 10 отсто од гласовите, Движењето за слобода има 30,15 отсто, а СДС на Јанша 27,54 отсто од гласовите.