Следниот месец ќе почне чистењето на линданот од округот на фабриката „Охис“. Министерот за животна средина Насер Нуредини најави дека Владата го одобрила планот за чистење на малата депонија, а отстранувањето ќе го спроведува специјализирана грчка компанија, која преку солунското пристаниште ќе го транспортира токсичниот отпад за Франција. Загадената почва, пак, преку Грција ќе се носи на преработка во Холандија.
„Градот неконтролирано расте, ние сме свесни дека во тој регион околу фабриката има значително зголемување на урбани населби, наша задача е да се грижиме и да се заштити населението, да поттикнеме да се имплементира овој план со цел да не ни се случуваат вакви загадувања“,
изјави Нуредини.
Процесот на чистење ќе го следи Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, кој денеска доби нова опрема за оваа намена.
„Во ОХИС се депонирани линдан, но повеќе и изомерите, така што всушност ќе го следиме сето тоа, во почва и во воздух на почетокот, а потоа идејата е да се шириме малку во опсегот и да одиме на мониторирање на други органски загадувачи, бидејќи веќе се почнати истражувања и на испарливи органски соединенија во воздухот и тоа особено во зима кога е изразен проблемот со загадувањето“,
порача професорката и раководителка на лабораторијата, Марина Стефова.
Опремата што ја доби институтот е донација од Норвешка во рамките на „Нордиска поддршка на Македонија“ и чини 94 000 долари.
„Досега дониравме 1,5 милион евра во фондот кој има за цел да раководи со оваа сложена операција за чистење. Убедени сме дека со нашата поддршка, како и поддршката на пошироката заедница, ова долгогодишно прашање од областа на животната средина ќе биде решено. Исто така веруваме дека е важно да имаме добро поставен мониторинг на процесот на чистење и токму затоа ги зајакнуваме и капацитетите на лабораторијата, која ќе може да спроведува важни анализи за ефектите врз животната средина“,
изјави Геир Јохансен, заменик-амбасадор на Норвешка.
Отстранувањето на линданот од малата депонија ќе трае во текот на целата година. Но неизвесно останува кога ќе почне и чистењето на големата депонија со токсичен отпад.