„Тука сакам да кажам една порака. Таа работа не е завршена, таа работа додека постои ВМРО-ДПМНЕ и додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, не е завршена. Тие луѓе не бараат амнестија, тие луѓе не сакаат да бидат во ист кош со убијци, рекетари и криминалци. Тие луѓе бараат правда и веднаш по формирањето на новата влада ВМРО-ДПМНЕ ќе го покрене прашањето за вистинска правда за нашите бранители, за нашите уставобранители“, рече Мицкоски во своето обраќање на настанот по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, насловен „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“, што се одржа кај Камениот мост
Оваа влада ја елиминира правдата со неправда, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на правната држава и на владеењето на правото во своето обраќање денеска на партискиот настан по повод повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, насловен „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“, што се одржа кај Камениот мост.
„Јустиција, која е римска божица на правдата и нејзиниот лик често се користи како алегорија или олицетворение на моралните вредности во правниот систем, е целосно девастирана. Ѝ зариваат нож на правдата иако дојдоа во фотелјите со ‘Нема правда, нема мир’. Кога дојдоа на власт, спроведоа широк политички прогон. Тогаш велеа сите во ист кош, сите на обвинителна клупа и со судења кои се закажуваа на секои два дена. Ако е некој член на ВМРО-ДПМНЕ, тоа му беше билет за брза трака во судските лавиринти и експресни пресуди“,
рече Мицкоски.
Говорејќи во тој контекст, тој додаде дека тогаш судии градеа кариери и ги унапредуваа во повисоки судски инстанци, а критериумот, како што рече Мицкоски, бил да направат поголема пакост и прогон кон ВМРО-ДПМНЕ.
Во таа насока, тој се осврна на „оној случај што сите нас нè боли“. Тој конкретно не кажа за кој случај станува збор, но на крајот од овој дел од неговото обраќање тој порача дека „таа работа не е завршена“ и дека по формирањето, иднината влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го покрене „прашањето за вистинска правда за нашите уставобранители“.
Инаку, со овој термин колективно се именуваат луѓето кои беа осудени на високи затворски казни за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
„Тука ќе се осврнам на оној случај што сите нас нè боли. Таков еден судија, којшто на маката на нашите браќа и сестри, бранителите, направи кариера, па ја гледаме како се препелка и ја влечкаат од телевизија на телевизија, па сега се опаметила, па почнала и политички ставови, стана врховен судија. Тука сакам да кажам една порака. Таа работа не е завршена, таа работа додека постои ВМРО-ДПМНЕ и додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, таа работа не е завршена. Тие луѓе не бараат амнестија, тие луѓе не сакаат да бидат во исти кош со убијци, рекетари и криминалци. Тие луѓе бараат правда и веднаш по формирањето на новата влада, ВМРО-ДПМНЕ ќе го покрене прашањето за вистинска правда за нашите бранители, за нашите уставобранители“,
рече Мицкоски.
По ова, тој доби алпауз од присутните на настанот, на што рече:
„Овој аплауз е за тие луѓе.“
Говорејќи за правниот систем и владеењето на правото, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во Македонија нема вистинска одговорност и овие 30 години не „одговарал ниту еден бандит кој се збогатил на грбот на народот“.
Тој алудираше и на „судиите од тефтерчињата“, кои се споменуваа за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со експремиерот Никола Груевски, кои, како што рече, станале слуги на оваа власт.
Мицкоски порача дека треба да знаат дека во новата влада, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ нема да најдат нова прегратка.
„Одвратно и со мачнина е за гледање сликата со која ја уништуваат правдата, и тоа оние кои скокаа на ‘ладата’ и збореа за правда кога беа опозиција. Судиите од тефтерчињата станаа нивни слуги, но само треба да знаат, гледајќи ја нивната лукавост, дека нема во новата влада на доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ да најдат нова прегратка, туку и тие ќе се соочат со правда. Може криво да седат, ама требале право да судат. Срамот и вината за секоја неправда е на оваа власт. И затоа важно е да се бориме за неселективна правда, за вистинска правда која ќе биде за секого. За секој еден човек во Македонија. За правда која ќе го заштити народот од неправда, каде ќе профункционира судството и обвинителството. Каде ќе има страв од казна и законот ќе важи за секого. Член бил на ВМРО-ДПМНЕ или на друга партија, ако стори криминал, ќе одговара“,
порача Мицкоски.