„Со текот на години имаме сè помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројот на осигуреници и пациенти. Дел од болничките капацитети низ државата не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандардите за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември‘“ – рече директорот на ФЗО
Планираме Градската општа болница (ГОВ) „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување на пациентите од главниот град, но и на тие од Куманово и Велес, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, презентирајќи го буџетот на Фондот за оваа година, посочувајќи дека реорганизацијата на оваа болница е дел од здравствената владина стратегија.
Додаде дека идејата за изградба на нов клинички центар е паузирана, со цел да се разгледаат потребите на општеството.
„Демографијата ни паѓа. Со текот на годините имаме сè помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројот на осигуреници и пациенти. Дел од болничките капацитети низ државата не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандардите за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември‘“,
рече тој.
Според него, „8 Септември“ поседува 150 квадратни метри по болнички кревет наспроти старата градска болница, каде има нешто повеќе од 30 и нешто квадратни метри.
„Поради тој капацитет, како и инфраструктурата на болницата очекувано е дека таму ќе се инвестира за да се види колку може да се растерети Клиничкиот центар, во однос на секундарно здравство. Но, морам да кажам дека во ‘8 Септември’ се изведуваат методи што не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, односно со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Таму ќе има и нови проекти, за да таа болница биде доста повеќе од тоа што е сега“,
кажа директорот на ФЗО.
Сепак, додаде дека за тоа се потребни и законски измени.
И во извештаите на Светската здравствена организација (СЗО), како што рече, е посочено дека е потребна реорганизација на болничкото лекување во државата, а дека тоа треба да се преточува во пракса.