Без разлика што бројките не се такви какви што беа, не смееме да си дозволиме да не се заштитиме, порачува директорката на Инфективната клиника
Состојбата со коронавирусот во земјава остава впечаток дека работите се мирни. Во моментов, во регионот таа е стабилна, но во Кина минатата недела беа регистрирани 32 695 случаи на инфекција со коронавирус. Иако е далеку од нас, директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ, вели дека во изминативе години научивме дека ковид-19 не е болест што лесно може да се предвиди и од таа причина мора да се почитуваат мерките за заштита како и претходно.
„Без разлика што бројките не се такви какви што беа, не смееме да си дозволиме да не се заштитиме. Не е поентата да се плашиме и да паничиме, туку да се грижиме и да бидеме одговорни“,
порачува докторката Стевановиќ во изјава за МИА.
На Инфективната клиника во Скопје во моментов има пет до шест хоспитализирани пациенти, додека во амбулантата дневно доаѓаат околу десеттина пациенти. Директорката вели дека дијагностички, ковидот и грипот имаат слични симптоми во дадениот момент, како покачена температура, сериозна главоболка, малаксаност и од таа причина бараат пациентите да се тестираат.
Според извештаите од болниците за цела држава, пак, моментално се хоспитализирани вкупно 33 лица, со 32 проценти зголемување во споредба со претходната недела. Од хоспитализираните шест се на кислородна поддршка, а нема пациенти на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во период од 21 до 27 ноември 2022 година регистрирани се 174 нови случаи на ковид-19. Во моментов активни се 172. Изминатата недела пријавени биле две починати лица – едно од Скопје и едно од Куманово, кои биле со коморбидитети.