Со слоганот „Седи доле“ на социјалните мрежи се шират повици за продолжување на протестите и вечерва во Белград, Нови Сад, Ниш, Чачак, Крагуевац, Нови Пазар и Зрењанин.
„Вечерва #СедиДоле, бидејќи граѓаните кои не сакаат немири и судири треба да се одвојат од ангажираните групи хулигани, кои ќе предизвикаат судири!“,
напиша на својот Твитер профил политикологот Вук Велебит, чија идеја е учесниците на протестот да се дистанцираат од оние кои ја напаѓаат полицијата и предизвикуваат инциденти.
Повикот до сограѓаните вечерва во 18 часот да дојдат пред српскиот Парламент го сподели и лидерот на Движењето на слободните граѓани, Сергеј Трифуновиќ, нагласувајќи да облечат бели маици, со што ќе покажат како што вели, дека не се предавници и хулигани, а со тоа ќе се направи јасна дистанца меѓу полициските хушкачи и оние кои ќе дојдат да изразат незадоволство.
Во Нови Сад, како што јави 021.рс, протестот ќе продолжи вечерва во 18 часот на Плоштадот Слобода.
„Јужни вести“, исто така, објавува дека протестите вечерва продолжуваат во Ниш, Врање и Лесковац, а организаторите им порачале на сите кои планираат да ја напаѓаат полицијата да не доаѓаат.
Најавено е дека од вечерва протестот ќе го обезбедува Синдикатот на војската и полицијата.
Жители на Нови Пазар преку социјалните мрежи од синоќа почнаа да ги повикуваат своите сограѓани и тие да излезат на протест, кој неофицијално е закажан за 19 часот во центарот на градот. Еден од организаторите на собирот е Ирфан Угљанин, кој во разговор за Нова.рс, истакнал дека станува збор за мирен протест, каков што им доликува на граѓаните од овој град, кои се наоѓаат во една од најтешките ситуации досега.
Твитерџиите од Чачак, исто така, споделуваат информација за вечерашниот протест. На социјалните мрежи се појави и повик за протест во Зрењанин.
Ова ќе биде четврта вечер како во Белград и повеќе поголеми српски градови се одржуваат протести, кои започнаа во неделата како револт на одлуката на властите да воведат полициски час како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Но изминатите неколку дена протестите станаа насилни, при што групи демонстранти ја напаѓаат полицијата, а таа возвраќа со бруталност и со солзавец. Дури имаше и упд во Собранието.
Иако претседателот Александар Вучиќ ја повлече олуката за полициски час, сепак протестите продолжија е се претворија во демонстрации против актуелната власт, на кои се приклучи и опозцијата.
Вучиќ вчера обвини дека зад протестите стои криминалното подземје и странски фактор, а српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ синоќа на вонредна прес-конференцијаизјави дека се работи за обид да се преземе власта без волјата на народот, без учество во власта.