Електронските ковид-пропусници што ги подготвуваат здравствените власти од следната недела ќе бидат достапни за граѓаните и тие, тврди министерот за здравство Венко Филипче, се усогласени со критериумите според кои и ЕУ ја прави својата пропусница.
Станува збор за апликација што граѓаните ќе може да ја симнат и со неа да го скенираат кју-ар кодот од потврдата за вакцинација, ПЦР-тестот или од тестот за антитела и на тој начин тие, освен во хартиена, ќе им бидат достапни и во електронска форма. Електронски ќе може да бидат достапни сите потврди за вакцинација, односно и оние за граѓаните што се вакцинираа во Србија, доколку на потврдите има кју-ар код.
„Тоа се тие критериуми, сè што ни беше укажано како критериум, една од апликациите беше ’Commonpass‘ и таа е најшироко прифатена и по аеродромите во земјите членки од ЕУ, го содржи и нашата апликација“,
изјави Филипче.
Меѓутоа, засега нема потврда дали со електронската ковид-пропусница граѓаните ќе може да одат во земјите од ЕУ.
„Важно е ние да сме спремни и да ги имаме сите податоци од сите можни тестирања (вакцинација, ПЦР-тест или тестот за антитела) и нема што друго може да се бара за време на патувањето. Битно е освен ваквите документи во хартиена форма, да имаме ваква апликација за што и да биде побарано од нашите граѓани при патување во која било земја, да бидеме спремни“,
вели Филипче.