Одговарајќи на пратеничко прашање, премиерот рече дека е подготвен закон со кој се опфатени 1 100 лица
Подготвен е закон со кој ќе им се овозможи на стечајните работници, на кои им недостасуваат неколку месеци за да го исполнат условот 15 години работен стаж, да се стекнат со паричен надоместок, најави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот Панчо Минов.
Заев единствено кажа дека со овој закон ќе бидат опфатени околу 1 100 лица, и се надева дека Собранието ќе го усвои.
„Се работи за 140 000 денари. Државата веќе помага со милијарда и 500 илјади денари. Треба да разговараме со министерот за финансии и да ги видиме сите параметри, за да ги направиме математиките. Но ќе направиме сѐ за овие лица да земаат паричен надоместок“,
рече Заев, кој потсети на ветувањето како Влада да им излезат пресрет на околу 13 илјади лица што работеле во државни претпријатија, кои пропаднале, а тие останале без работа.
„Затоа се донесе Законот за материјално обезбедување на невработените лица, кои поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, со услов 15 години, останале без работа. Досега тој надоместок го примаат околу 13 илјади граѓани. Но, чувството на неедкавост кај лицата што работеле 14 години и 10 месеци или 14 години и седум месеци е сосема оправдано оти и тие како нивните колеги работеле заедно иста работа“,
рече Заев.