По инструкции на Министерството за надворешни работи, амбасадорот на земјава во Руската Федерација, Ненад Колев, не присуствуваше на денешната церемонија во Москва, со што Северна Македонија им се придружи на САД и повеќето членки на ЕУ кои решија да ја бојкотираат инаугурацијата
Рускиот претседател Владимир Путин денеска положи заклетва за нов шестгодишен мандат, кој е петти негов откако дојде на власт во 2000 година. Во краткиот инаугуративен говор, тој не ја исклучи можноста за дијалог со Западот, но, како што рече, тој треба да биде под рамноправни услови
Северна Македонија се приклучи кон Соединетите Американски Држави, Канада, Германија и мнозинството земји членки на Европската Унија (ЕУ) чии амбасадори и дипломатски претставници не присуствуваа на инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин.

На церемонијата во Москва денеска не присуствуваше ни амбасадорот на земјава во Руската Федерација, Ненад Колев.
Во врска со настанот, кој го привлече медиумското и јавното внимание во светски рамки, „360 степени“ праша во Министерството за надворешни работи дали амбасадорот Колев или друг претставник на амбасадата ќе присуствуваат на инаугурацијата на Путин, кој на неодамнешните избори освои нов, шестгодишен мандат.
Во одговорот што го добивме се вели:
„Во однос на вашите прашања, информираме дека по инструкција на министерот за надворешни работи, амбасадорот на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Ненад Колев, нема да присуствува на инаугурацијата на претседателот на Русија“.

Инаку, Русија ги покани шефовите на сите странски дипломатски претставништва во Москва на инаугурацијата на Путин, но Соединетите Американски Држави (САД) и повеќето земји на Европската Унија (ЕУ) решија да ја бојкотираат церемонијата.
Но, членките на Унијата не беа унисони за ова прашање. Франција и некои други држави решија да испратат свои делегации на денешната церемонија во Москва, и покрај молбите на официјален Киев да не го прават тоа.
Балтичките земји, кои веќе немаат свои претставници во руската престолнина, категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.
Инаку, Северна Македонија целосно ја усогласи својата надворешна политика со онаа Европската Унија во однос на Русија по нејзината инвазија на Украина во февруари 2020 година и се приклучи кон санкциите што беа воведени кон Москва.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска положи заклетва за нов шестгодишен мандат, кој е петти негов откако дојде на власт во 2000 година.

Во краткиот инаугуративен говор, тој не ја исклучи можноста за дијалог со Западот, но, како што рече, тој треба да биде под рамноправни услови, пренесува Ројтерс.
Путин, исто така, рече дека Русија е отворена за развој на односите со другите земји што ги опиша како „мнозинство во светот“.
Говорејќи за рускиот државен систем, Путин рече дека тој треба да биде отпорен на какви било закани и предизвици.
Инаку, на инаугурацијата, покрај дипломатски претставници и странски делегации, присуствуваа, како што пренесува „Гардијан“, и неколку „шарени ликови, меѓу кои и американскиот актер во акциони филмови, Стивен Сигал“.

На церемонијата беше присутен и Александар Залдостанов познат и како Хирургот, лидер на моторџискиот клуб „Ноќни волци“.

Од друга страна, вдовицата на починатиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија Навалнаја, која живее во егзил, ги повика приврзаниците да ја продолжат борбата против претседателот Владимир Путин опишувајќи го како „лажго, крадец и убиец“, пренесе Ројтерс.
Война, политические убийства, обнищание россиян. Нет никакого процветания России, нет мира и свободы для наших граждан. В этом видео рассказываю, чем мне запомнились предыдущие 6 лет правления Путина
— Yulia Navalnaya (@yulia_navalnaya) May 7, 2024
https://t.co/DuwwiYhsp1