Со оглед на тоа што в сабота истекува вонредната состојба, Владата треба да го донесе ребалансот најдоцна дотогаш, освен ако владиниот кабинет не поднесе нов предлог за прогласување вонредна состојба до шефот на државата
И претстојниот ребаланс на буџетот за 2020 година ќе се носи со уредба на Владата, најавуваат владини извори, со оглед на тоа што парламентот е распуштен и нема политичка волја за негово свикување, и покрај вонредната состојба во земјава.
Со тоа, всушност, ќе се избегне долгата процедура и најчесто мошне напната расправа во парламентот, во чиј Деловник е предвидена посебна постапка за донесување на државниот буџет, со точни рокови на траење и на комисиската и на пленарната седница. Истата процедура важи и при ребаланс на буџетот, со тоа што самседницата на Комисијата за финансирање и буџет, односно амандманската расправа, може да трае до десет дена. Во тој период, вообичаено, не се одржуваат пленарни седници, а комисиската расправа се пренесува во живо на Собранискиот канал.
Со оглед на тоа што в сабота истекува вонредната состојба, Владата треба да го донесе ребалансот најдоцна дотогаш, освен ако владиниот кабинет не поднесе нов предлог за прогласување вонредна состојба до претседтелот Стево Пендаровски. Премиерот Оливерс Спасовски најави вчдера дека Владата за тоа ќе одлучи во наредните денови, посочувајќи исто така дека по завршувањето на вонредната состојба би почнале да течат роковите за довршување на изборните дејствија.
Ребалансот на буџетот се наметна како потреба по избувнувањето на корона-кризата во земјава, која предизвика и економска криза, а откако парламентот беше распуштен. Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави вчера по лидерската средба дека е затворено прашањето за можно свикување на парламентот, односно дека спикерот Талат Џафери повторно се изјаснил дека нема услови за тоа, како и дека во таа насока се и одлуките на Уставниот суд.
Во Владата има различни размислувања за тоа дали треба да се кратат платите на администрацијата. Наспроти министерката за финансии Нина Ангеловска која изјави неодамна дека треба да се разгледа таа опција, поради потребата сите да бидат солидарни за справувањето со последиците од кризата, министерот за економија Фатмир Бектеши изјави денеска дека намалувањето на платите на административците воопшто не е тема на разговор.