Премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата ѝ порача на Државната изборна комисија (ДИК) дека е должна да ги спроведе изборите врз основа на пропишаните рокови.
„ДИК е институција која спроведува изборни дејствија врз основа на одлуките на институциите на системот, тоа е Собранието и оние кои се надлежни за одржување на изборите. ДИК е должна врз основа на пропишаните рокови во закон да ги спроведе изборите и за постојат точно дефинирани рокови како се прави тоа. Сосема е јасно врз основа на Уредбата. Самораспуштање на парламентот предизвика да се донесе решение од претседателот на Собранието изборите да се одржат на 12 април. Тука треба да се има предвид уставната норма дека изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на Собранието, така да имаме роковите кои поминале до вонредната состојба, имаме вонредна состојба во која се стопирани сите рокови и со престанување на вонредната состојба продолжуваат да течат роковите и се одржуваат изборите. Сè со цел да нема можност за кршење на Уставот“,
рече Спасовски коментирајќи став на ДИК дека по вонредната потребно е роковите да течат од почеток.
Во однос на изборите, премиерот ја спомена и лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски и повтори дека на неа биле понудени конкретни датуми, но се одлучило разговорите да продолжат наредната недела откако ќе се обезбедат потребните информации од Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ/ОДИХР.