И приватни здравствени установи ќе вршат интензивна нега и терапија на пациенти со коронавирус, одлучи Владата со донесување уредба со законска сила која ќе важи додека трае вонредната состојба во земјава.
„Приватните здравствени установи надвор од мрежата на здравствени установи, кои вршат дејност за интензивна нега и терапија, ќе ја вршат оваа дејност во мрежата на здравствени установи за укажување на здравствени услуги на пациенти заболени од заразната болест коронавирус ковид-19. Фондот за здравственото осигурување на Република Северна Македонија ќе склучи договори со овие институции со кој ќе се утврдат обемот и видот на здравствените услуги кои приватната здравствената установа ќе ги врши во периодот на важењето на оваа Уредба, согласно прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување“,
соопшти владината прес-служба
Претходно, Филипче најави дека се мобилизира медицинскиот персонал од приватните болници кој ќе работи координирано со државните клиники за справување со коронавирусот. На располагање на државата приватните болници претходно најавија и дека ќе отстапат респираторни машини, легла и опрема.