За да се изготви единствен извештај за увидот во сите предмети поврзани со „Трансмет“, недостасувал извештајот од контролата што Судскиот совет ја направил во Граѓанскиот суд, за што Дамева алудираше на неажурност кај членката на Советот, Лорета Георгиева, која била координаторка за овој суд
Заменик-претседателот Зендели, пак, смета дека има објективни причини зошто се доцнело со извештајот за предметите поврзани со „Трансмет“ што се воделе во Граѓански бидејќи тврди дека тие не биле во судот туку одреден период се наоѓале во Финансиската полиција

11 април 2022 година е датумот кога Судскиот совет на седница задолжи работна група да ја преиспита состојбата во предметите поврзани со фирмата „Трансмет“ и да донесе единствен извештај и заклучок.
По повеќе од 16 месеци единствен извештај нема, а ова беше една од темите на денешната седницата на Судскиот совет.
„Трансмет“ е фирма инволвирана во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а во кој беше досудена конфискација на имот, но таа е неуспешна поради тоа што имотот што треба да се одземе во меѓувреме беше преземен од фирми и банки. Штета за државата се проценува на над 12 милиони евра.
Доцнел извештајот од увидот во Граѓански
Работната група во Судскиот совет имаше задача да изврши увид во четирите суда каде што има предмети поврзани со „Трансмет“: Основниот кривичен суд, Основниот граѓански суд, Апелацискиот суд Скопје и Врховниот суд. Членовите на Советот кои беа координатори за секој од судовите требаше да направат увид и да подготват извештај од секој суд засебно, а потоа да донесат единствен заклучок.
Но, она што недостасувало е извештајот од Граѓански за каде што координаторка е членката Лорета Георгиева, која денеска не присуствуваше на седницата бидејќи користи годишен одмор.
Со оглед дека го немало извештајот за граѓански, не можел да се направи единствен заклучок, па затоа заменик-претседателот на Советот, Ханиф Зендели, кој инаку како координатор го предводел увидот во Врховен, предложи оваа точка да се тргне од дневен ред.
Рок од 15 дена да се заврши извештајот

Членовите на Судскиот совет едногласно поддржаа поединечните извештаи да се повлечат од денешниот дневен ред и да ѝ се даде задолжение на работната група во рок од 15 дена да изготви единечен извештај односно заклучокот.
Претходно Весна Дамева, која била координаторка за Кривичен бараше да се даде конкретен рок бидејќи обвини за крајна несериозност од одредени членови и рече дека нема намера да сноси одговорност поради неажурноста, алудирајќи на Лорета Георгиева која требало да го изготви извештајот за Граѓанскиот суд.
„Ве молам да донесеме заклучок, со рокови, секој од нас да биде свесен дека тој рок мора да го почитуваме и да не го игнорираме како што го игнориравме заклучокот 16 месеци“,
рече Дамева.
Дамева за Георгиева: Постапувањето на одредени членови е на штета на целиот Судски совет
Таа зборуваше за активностите што ги презела наведувајќи дека веднаш по изгласувањето на заклучокот односно добивањето на задолженијата да се направи извештај (11 април 2022), таа заедно со колешката од Советот, Мери Радевска, на 12 април биле во посета на Кривичен да ја констатираат состојбата со предметите за „Трансмет“.
Потоа следувале уште неколку посети во судот, за по еден месец поточно на 26 мај 2022, заедно со Радевска да го изготват конечниот извештај за Кривичен.

„Бидејќи како член на таа работна група бев задолжена да учествувам во изготвување на единствениот извештај се интересирав до каде се извештаите на другите колеги за останатите судови. Неспорно е дека за Апелација од колешката Тања Чачарова-Илиевска и за Врховен од Ханиф Зендели беа доставени целосни извештаи, но недостасуваше извештај од Граѓанскиот суд за кој координатор е членот Лорета Горгиева. За ова неколку пати усно укажував на членот, меѓутоа не наидов на разбирање. Укажував и на последиците бидејќи сме врзани и за рокови за постапување и се плашев дека дел од тие рокови ќе истечат и ќе сносиме и ние одговорност бидејќи не може да се криеме зад останатите членови или цел Судски совет. Затоа кажав дека за жал одредено постапување на одредени членови е на штета на целиот Судски совет“,
рече Дамева.
Зборувајќи за развојот на настаните, таа посочи дека во март 2023 имало извештај за Граѓанскиот суд, но не бил целосен, а потоа откако алармирала за неажурност во мај годинава и било кажано дека е доставен извештај.
Според Зендели, оправдано се доцнело со извештајот за Граѓански
Додека Георгиева поради користење на одмор не беше таму да ја каже својата страна на приказната, во нејзина одбрана застана заменик-претседателот на Советот, Ханиф Зендели.

„Во однос на граѓанскиот суд кога бевме во посета, констатиравме дека негде во шести месец 2022 предметите не беа присутни во судот, исто беа во Финансиска полиција. Кога судот констатира дека се вратени, кон крајот на годината (2022 г.) Судски совет ги побара, ги разгледа и негде во вториот месец од 2023 беа завршени, разгледани. Таа беше причина, мислам дека се објективни тие работи“,
рече Зендели.
Дамева, пак, му реплицира и рече оти не е точно дека сите предмети биле во Финансиската полиција, односно имало еден или два што се наоѓаат во судот, но ниту тие не биле констатирани при контролата во Граѓански.
„Ова добро го кажавте, но знаеме дека не е така. Бев член на работната група при вршење контрола во Апелација. Кога вршевме анализа, произлезе дека не е вистина дека сите предмети се во Финансова полиција, токму поради тоа колешката Тања Чачарова-Илиевска (координаторка за Апелација) прати до Лорета Георгиева (координаторка за Граѓански суд) со известување дека еден или два предмети се наоѓаат во судот. Да не изнесуваме паушални наводи. Ќе ви го доставам дописот, констатирано е дека во моментот на вршење на контрола не се констатирани тие предмети иако биле во судот“,
рече Дамева.
По расправата сите членови едногласно го изгласаа задолжението за работната група, во која се и Дамева и Георгиева како координаторки, да седнат и заеднички да изготват единствен извештај со случајот со конфискацијата на имотот на „Трансмет“.