На денешната седница Владата ја укинa кризната состојба во општините Дебар и Центар Жупа. Од денеска за двете општини важат само мерките кои се на сила на целата територија на државата, соопшти директорот на Центарот за управување и кризи, Агрон Буџаку.
„Од епидемиолошки аспект, воведувањето на кризната состојба придонесе во последните 10 дена да немаме нови случаи на заразени лица со коронавирус. Досегашниот биланс, се надеваме конечен, е следен: од 49 потврдени пациенти со КОВИД-19 – 16 се излечени, 4 починати, за 8 се чекаат резултатите од второто тестирање, 29 пациенти се на домашно лекување. Најтешкото го поминавме во Дебар и Жупа, да се надеваме и работиме да што поскоро го поминеме во целата држава, преку дисциплина и висока граѓанска свест “,
вели Буџаку.
Кризната состојба во Дебар и Центар Жупа беше воведена на 13. март дена. Во моментот кога се прогласи, имаше 11 регистрирани случаи на ковид-19 во тој регион од вкупно 13 во целата земја.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека ќе се прави скрининг на населението, со оглед на тоа што таму веќе извесен период не се дијагностицираат нови пациенти.
„Тоа ќе биде со оглед на тоа што во Министерството добивме донација од 20 000 теста за дијагностика на антитела и со оглед на ситуацијата што во Дебар нема новодијагностицирани, сите пациенти закрепнуваат, ги чекаме и вторите тестови за да видиме дали тие дијагностицирани пациенти се негативизирани. Ќе направиме еден скрининг во бројка од 20 до 30 отсто од вкупното население во регионите каде што имаше мерки во смисла на рестрикции на движење воведени пред вонредната состојба, со што сакаме да направиме скрининг на населението и да се процени имунитетот. Тоа ќе биде одличен пример за тоа што би можеле да очекуваме и на ниво на целата држава во оној момент кога ќе одлучиме дека треба да се прави таков скрининг согласно времето на епидемијата“,
рече Филипче.