Се повеќе државни институции остануваат без снабдувач на електрична енергија бидејќи некои фирми-снабдувачи ги откажуваат договорите
Од вкупно 13 компании снабдувачи на електрична енергија, дури за осум се води постапка во Регулаторната комисија за енергетика
Министерството за одбрана и Народната Банка се само две од повеќе институции кои во изминатиов период останале без снабдувач со електрична енергија. И во двата случаи, фирмите што ги избрале на тендер за годишно снабдување, им го раскинале договорот.
Снабдувач на Одбрана била Енерџи Активе од Скопје, фирма која, патем, во последниве 12 месеци има над 100 договори со државни институции за продажба на струја.
„Енерџи Активе … побара зголемување на цената што беше одбиено од страна на Министерството за одбрана како спротивно на законот и потпишаниот Договор. Веднаш потоа не информираа дека ќе престанат да испорачуваат електрична енергија и го раскинаа договорот почнувајќи од 1.9.2021 година“,
одговорија од Министерството за одбрана.
Снабдувач со електрична енергија на Народната банка, пак, била домашната „У Повер“. Компанијата, во последнава година, има најмалку 20 договори за јавни набавки со државни институции.
Еден од двајцата газди е Арианит Џафери, инаку син на екс вицепремиерот од редовите на ДУИ, Муса Џафери. Арианит минатата недела физички го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, бидејќи започна постапка за евентуално одземање на лиценцата.
„У Повер ДОО, со коешто Народната банка имаше склучено договор за снабдување со електрична енергија со важност до 30 ноември 2021 година, од 1 октомври 2021 година ја прекина испораката на електрична енергија со еднострана изјава за раскинување на договорот“,
одговорија од Народна банка на РСМ.
Според податоците од Централниот регистар, У Пауер на Џафери само лани имала профит од околу 1 милион евра. Снабдувачот на одбрана, Енерџи Активе, 2020 година ја завршиле со околу 500 000 евра во плус. Зошто сега откажуваат договори?
„Нивните добавувачи, пред се во најголем дел од Бугарија пропаднаа и направија сериозен проблем и на функционирањето на пазарот на електрична енергија и во нашата земја. Дел пропаднаа во Бугарија, а дел им ја зголемија драстично цената поради што и нашите снабдувачи почнаа да ја зголемуваат цената кон потрошувачите иако имаат со потрошувачите потпишано договори на годишно ниво со нивните снабдувачи“
изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Кризата во Бугарија, пак, е предзвикана од кризата со енергија во цела Европа. Развиените членки на ЕУ ги исклучуваат своите централи на фосилни горива и се префрлаат на обновливи извори. Но, летово и есенва нема доволно вода и ветар а поскапе и гасот, па цената на струјата порасна. Така, повеќето фирми-снабдувачи во земјава кои не си обезбедиле енергија, а се нафатиле да продаваат цела година по цена која во меѓувреме станала пониска од таа на меѓународниот пазар, решиле да се „снаоѓаат“ за да не одат во загуба.
Некои се обидуваат да им наплатат поскапо од договореното на потрошувачите, други – наместо да увезуваат, незаконски ги користеле државните резерви од хидроцентралите.
„Има две компании коишто ги злоупотребуваат резервите. Имаме навестување и за трета компанија за којашто чекаме известување од страна на МЕПСО, но нашите податоци тоа го покажуваат… А, исто така, имаме и пет други снабдувачи со електрична енергија коишто ги менуваа договорите со потрошувачите коишто ги имаат и им ја зголемија цената на електричната енергија за повеќе од два пати, непочитувајќи ги договорите коишто ги имаат потпишано“,
вели Бислимовски.
Противправното користење на државните резерви се случувало летово. Таа опција била примамлива бидејќи, од засега нејасни причини, цената на таа енергија била поевтина од пазарната. Од септември цената на струјата од резервите е поскапена и е повисока за 30% од пазарната.
„Според мене, тоа требаше да се направи и во претходниот период, бидејќи имавме во одреден период, цената на слободниот пазар да е повисока, отколку што е цената на балансната енергија што е недозволиво“,
изјави Марко Бислимовски за „360 степени“.
Поради различни причини, осумте компании на т.н. црна листа на Регулаторната се:
– Мист Енерџи
– У Пауер
– Енерџи Активе
– Енергиа гас анд пауер
– Солар про
– Вангард и
– Енерџи он
– Енерџи уинд
Заедно, овие компании имаат околу 300 договори за јавни набавки со државни институции. Од Министерството за економија, за „360 степени“, велат дека Владата веќе донела заклучок со препораки.
„Се задолжуваат сите државни институции кај кој снабдувачот со електрична енергија ги откажал договорите за снабдување или им побарал повисока цена, да ги раскинат договорите, да ја активираат банкарската гаранција и да преминат на снабдувач во краен случај“,
одговорија од Министерството за економија на прашањата на „360 степени“.
Преоѓањето на снабдувач во краен случај ќе значи и многу повисока цена на електрична енергија, па владата им препорачува на институциите „да обезбедат повеќе средства во своите буџети, бидејќи се очекува голем пораст на цената на слободниот пазар“.
Освен големи штети во јавниот, поведението на компаниите снабдувачи ќе предизвика штети и врз приватниот сектор. Дури и најголемата Стопанска комора, каде членуваат некои од снабдувачите со електрична енергија, побара построги услови.
„Си дозволивме еден комотен простор во кој еден куп компании си побараа да работат во прилично лесно окружување за правење пари. Ова што сега го заговараме е дека тоа воопшто не треба да биде лесно правење на пари, туку одговорно правење на пари, заради тоа што играчите се добри кога добра е цената на електричната енергија на светските берзи, но еве во вакви ситуации се покажува дека ни требаат сериозни играчи кои се подготвени да гарантираат со директни гаранции за исполнување на обврските“,
изјави Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија.
Едно решение на кое се размислува е секоја лиценца за снабдувач на електрична енергија да биде условена со банкарска гаранција. Но, додека да се донесе таков акт, регулаторот ветува дека нема да им прогледа низ прсти на непослушните.
„Овие компании ќе бидат обврзани да превземат мерки со коишто ќе си го вратат своето однесување во рамките на нормалата, значи да престанат со прекинување на договорите, да престанат со непотребно користење на системските резерви и во тој случај, за секоја од овие компании ќе информираме што е превземено, за и потрошувачите да знаат со кого си имаат работа.
– Доколу не превземаат?
Ќе продолжиме со постапките за одземање на лиценци.“
вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.