Според најавата, на големата, семакедонска средба ќе се обратат претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров и градоначалникот на Битола Тони Коњановски
Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, на 2 август ќе има илинденско обраќање во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица”, во потпелистерското село Трново.
На прес – конференција во Битола претседателот на Здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, Љупчо Јаневски, истакна дека годинава во Трново со посебна програма ќе биде одбележан голем јубилеј, половина век од традиционалното организирање на Светската Македонска иселеничка средба.
„Семакедонската средба почнува во 10.30 часот. На големиот сенароден собир ќе се обратат претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, градоначалникот на Битола Тони Коњановски и други поканети гости кои ќе изразат желба да го поздрават собирот на кој ќе присуствуваат и архимандрит Никодим Царкњас, градоначалникот на општина Пустец Пале Колефски, претседателот на единствената македонска партија во Албанија Васил Стерјовски и градоначалниците на Новаци и Могила“,
истакна Јаневски.
*Поврзана вест: Стокмена програмата за „Десет дена Крушевска Република“
Првиот човек на МАНУ е актуелен во јавноста со своите ставови за раскинување на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој стравува дека Македонците ќе исчезнат.