И Италија се реши да ги укине маските на отворено. Олабавувањето на рестрикциите го најави министерот за здравство Роберто Сперанца и таа одлука ќе важи од 28 јуни во регионите кои се означени како „бели области“, односно онаму каде што имал мал ризик од инфекција.
Во моментов сите региони во Италија се означени со бела боја освен долината Аоста во северозападниот дел на земјата, но очекувањата се и дека овој регион од понеделник ќе премине во „белата зона“.
Одлуката следува откако научното советодавно тело ѝ препорача вакво олабавување на италијанската влада. Сепак, проценките на овој научен совет се дека Италијанците треба да имаат маска при рака во случај на собири и за места каде што не е можно одржување физичко растојание.
Маските ќе останат задолжителни и во затворени простории и во јавниот превоз.
Италија е последната земја која најави укинување на маските на отворено. Меѓу првите препорака да не се носат маски на отворено дадоа САД, а пред повеќе од месец ваква мерка најави и Франција. И во земјите од регионот, како на пример, Албанија и Косово, се укина оваа обврска. Во Северна Македонија нема обврска за носење маски на отворено од 1 јуни.