Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, кој доби кривична пријава од Управата за финаниска полиција, сега и самиот најавува кривични пријави за малверзациите во ФФМ
Откако Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против 14 лица под сомнение дека го оштетиле буџетот на Фудбалската федерација на Македонија за близу 2,5 милиони евра, еден од осомничените најави дека и тој ќе го стори истото бидејќи е „искористен и измамен“ во случајот.
Станува збор за поранешниот прв човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кој во јавниот допис објавен на порталот „Република“, вели дека криминалот веројатно почнал да се прави уште пред тој да дојде на функцијата и дека не знаел ништо за него, иако ги презел сите заштитни механизми.

„Јас од лицата наведени во кривичната пријава сум измамен и искористен, а тоа можам да го видам од приложените докази кои ми беа дадени на увид од страна на финансиската полиција и за кои лица ќе поднесам кривични пријави на кои веќе работи мојот правен тим. Пријавата за случајот се однесува во период од 2016 до 2019 година, а јас како претседател на ФФМ поднесов оставка во 2018 година. Што значи дека наведеното лице го правела истото дело не само во мое време, туку и по мојата оставка, а многу веројатно и пред јас да станам претседател на ФФМ.
Во својство на Претседател, согласно статутот и правилниците на ФФМ и позитивните законски прописи, формирана е финансиска комисија (експерти од областа на финансиско работење, пет члена) и е ангажирана надворешна ревизорска куќа чија задача е да вршат контрола на финансиско работење на одделот за финансии при ФФМ, што значи дека како одговорно лице сум ги презел сите дејства за правење на контролен механизам во финансиското работење на ФФМ“,
вели Ѓорѓиоски.
Управата за финаниска полиција го осомничи Илчо Ѓорѓиоски поради „несовесно вршење на службата“, бидејќи со пропуштање на должен надзор и внимание овозможил „мозокот“ на операцијата да плаќа фиктивни фактури на повеќе фирми од касата на ФФМ. Во пријавата тој не се споменува во друг контекст. Според финансиската полиција, операцијата за испумпување пари од ФФМ ја водела О.М., шефица на Одделението за финансии и сметководство.
Според Ѓорѓиоски, и тој самиот е жртва во целиот случај.
„Најлесно е да оцрниш човек дефинитивно, без никаква совест и одговорност. Да ставиш бомбастичен наслов во кој ќе срушиш се што некој создавал со посветеност и макотрпна работа. Никогаш не видов бомбастичен наслов дека во времето на Илчо се направи ‘Куќата на фудбалот’ и тренинг-центарот, ниту дека беше направена Акдемијата и Детската лига од која излегоа врвни фудбалери и репрезентативци…
И на крај, во времето на Илчо се одржа Суперкупот на УЕФА во кој играа Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, настан со кој во центарот на светот беа Скопје и нашата Македонија и за првпат од осамостојувањето имавме еден позитивен настан. Можам сега да ви кажам дека Илчо е директен виновник за тоа што се случи Суперкупот во Македонија и никогаш не ми требале ловорики за било што од ова. Секогаш сум го давал најдоброто од себе за федерацијата и државата да имаат успеси. Мојата единствена грешка е што имав целосна доверба и бев измамен од луѓе вработени во федерацијата за кои верував дека се компетентни и чесни во својата работа“,
вели Ѓорѓиоски.