„Колективното казнување на палестинските цивили од страна на Израел е исто така воено злосторство, како што е и незаконската насилна евакуација на цивили“, изјавил Турк за време на денешната посета на преминот Рафах меѓу Газа и Египет
Високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за човекови права Волкер Турк денеска повторно повика на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, посочувајќи дека и двете страни се одговорни за воени злосторства, пренесува Гардијан.
Турк ова го кажал говорејќи за време на денешната негова посета на граничниот премин Рафах и болницата Ел Ариш во Египет.
Тој е последниот висок функционер на ОН што отпатува во регионот по нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кои загинаа 1 400 луѓе, а повеќе од 200 беа земени како заложници од милитантната палестинска група.
Шефот за човекови права на ОН рекол дека злосторствата извршени од палестинските вооружени групи и континуираното држење заложници се воени злосторства, но додал дека и:
„Колективното казнување на палестинските цивили од страна на Израел е исто така воено злосторство, како што е и незаконската насилна евакуација на цивили“.
Турк го опишал граничниот премин Рафах, преку кој пристигнува хуманитарна помош за Газа, како патека за спас на 2,3 милиони луѓе во Појасот, истовремено критикувајќи дека станува збор за „неправедно тенка“ патека за спас.
Хуманитарната помош што доаѓа во Газа, рекол тој, е со сериозно ограничен географски дофат.
In #Rafah I was at the gates to what is a living nightmare in #Gaza. I feel, at my core, the pain and immense suffering of every person whose loved one has been killed. We must all feel this shared pain and end this nightmare.https://t.co/g7Te1sWfZT pic.twitter.com/ifFsXmerxo
— Volker Türk (@volker_turk) November 8, 2023
Луѓето остануваат „длабоко ранливи“ во сите делови на Газа, посочил тој, додавајќи дека е „итен хуманитарен императив“ да се стигне до северните и средните делови на Појасот Газа.
„Само во последните неколку дена моите колеги добиваа извештаи за сиропиталиште во северната губернија во кој има 300 деца на кои им е потребна итна помош. Со прекинати комуникации и непроодни и небезбедни пристапни патишта, не можеме да дојдеме до нив“,
рекол високиот комесар на ОН за човекови права.
Денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека бројот на загинати цивили во Појасот Газа покажува дека нешто не е во ред со воените операции на Израел против милитантите на Хамас.
„Хамас прави прекршувања кога користи жив штит. Меѓутоа, кога ќе го погледнеме бројот на цивили убиени во воени операции, јасно гледаме дека нешто не е во ред“,
рече Гутереш.
Според палестинските претставници, бројот на убиените во Појасот Газа сега достигна 10 569, од кои 40 отсто се деца.
„Важно е да се разбере дека е спротивно на интересите на Израел што секој ден гледаме ужасни слики на Палестинци на кои очајно им е потребна хуманитарна помош. Ова не му помага на Израел од гледна точка на мислењето на меѓународната заедница“,
рече Гутереш.
Тој додаде дека бројот на деца убиени во израелските операции во Појасот Газа може да се спореди со бројот на деца убиени во конфликти ширум светот за една година.
Обединетите нации работат на зголемување на хуманитарната помош за цивилите во Појасот Газа. Според Гутереш во изминатите 18 дена, само 630 камиони успеале да влезат во Газа од Египет преку граничниот премин Рафах, кој се наоѓа на границата на Египет со палестинската енклава.
Преминот Рафах затворен поради „безбедносни околности“
Инаку, како што соопшти портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател, граничниот премин денеска бил затворен поради неодредена безбедносна околнос, пренесува Би-би-си.
„Според она што го знаеме поради безбедносни околности на граничниот премин Рафах, тој ќе остане затворен денеска“,
рекол тој на брифинг со новинарите.
Пател додал дека официјални претставници работеле со Египет и Израел за повторно отворање на преминот.
Во меѓувреме портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари изјавил дека Хамас ја „изгубил контролата“ врз северниот дел на Газа, додека илјадници палестински цивили избегале на југ.
„Видовме 50 000 жители на Газа како се движат од северниот дел на Појасот Газа кон југ. Тие се движат затоа што разбираат дека Хамас ја изгубил контролата на северот“,
рекол тој на вечерашниот брифинг, пренесува Гардијан.
Според него во моментов прекин на огнот не е на маса, но Израел дозволува хуманитарни паузи во одредени моменти за да им се овозможи на цивилите да се преселат на југ.
Израелските сили „продолжуваат да го продлабочуваат нападот“ врз градот Газа и предизвикаа значителна штета на воздушните и поморските сили на Хамас, додал тој.