Во неколку наврати, од почетокот на епидемијата, Прилеп е еден од најкритичните градови, според бројките на заразени и починати, а сега е меѓу градовите каде што најбрзо се шири британскиот сој на вирусот
Градоначалникот на Прилеп, Илија јовановски, кој како лекар едно време се вклучи во лекувањето на болните од ковид-19 во овој град, сега е позитивен на коронавирусот.
Тој синоќа го добил позитивниот тест и е во домашна изолација.
„Засега се чувствувам добро. Имам само повисока температура и болки во мускулите и чувствувам изнемоштеност“,
изјавил Јовановски во телефонски разговор за МИА.
Тој вели дека се посомневал дека може да е инфициран по покачената телесна температура.
„Имав температура од 37,2. Се посомневав на симптоми, иако немав загубен вкус и мирис. Тестот покажа дека сум позитивен, најверојатно вирусот сум го добил по контакт со позитивен зашто изминатите денови имавме некои состаноци. Сега температурата е 37,6, немам некои проблеми, примам терапија и сум дома“,
вели Јованоски.
Јованоски, кој е и специјалист ортопед и во октомври и ноември минатата година волонтираше во приемниот оддел на инфективното одделение во болницата во Прилеп, апелира на почитување на заштитните мерки. Особено да нема собирања на младите и по кафулињата.
„Апелирам да се почитуваат сите заштитни мерки. Особено тоа да биде меѓу младите, да не се групираат, да не заседнуваат во кафулињата. Зголемениот број новозаразени во Прилеп е главно поради непочитувањето на мерките и новите бројки се последица, во голем дел, поради собирањата за празникот Свети Трифун. Факт е дека новиот, британски сој побрзо се шири и уште поголема опомена е да нема групирања и да се почитуваат мерките“,
вели градоначалникот.
Прилеп во неколку наврати, во изминатата речиси една година, од почетокот на епидемијата, е еден од најкритичните градови според бројките на заразени и починати.
Во последниот период Прилеп е меѓу градовите во кои најбрзо се шири британскиот сој на ковид-19.