Право на учество на јавниот повик имаат сите категоризирани угостителски објекти за сместување (хотели), кои се лиценцирани и се во туристичките центри во Република Северна Македонија и туристичките агенции со А-лиценца
Министерството за економија го објави јавниот повик за пријавување на угостителските објекти кои летово би сместиле гости со ваучери од државата во вредност од 12 000 денари.
Ваучерите се наменети за лица со ниски приходи, кои ќе аплицираат на јавниот повик, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износ од 30 000 денари.
Право на учество на јавниот повик имаат сите категоризирани угостителски објекти за сместување (хотели), кои се лиценцирани и се во туристичките центри во Република Северна Македонија и туристичките агенции со А-лиценца.
За пријавување интерес угостителските објекти за сместување (хотели) и туристички агенции со А-лиценца до Министерството за економија треба да достават пополнет образец за барање за пријавување на интерес (готов формулар).
По пријавување на угостителските објекти и туристичките агенции, Министерството за економија ќе објави и јавен повик за сите лица што сакат да добијат ваучер за туризам во вредност од 12 000 денари.
Вкупниот буџет за реализација на проектот е 15 милиони денари.
Крајниот рок за аплицирање е 31.5.2021 година.