Фронтот за демократска Македонија, партија која делумно настана од незадоволни членови од ВМРО-ДПМНЕ предводени од Јове Кекеновски, ги поздрави измените на Статутот на најголемата опозициска партија. Но, во исто време, побара и смени во раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
„По три порази на чело на ВМРО-ДПМНЕ и плус еден пораз како генерален секретар на партијата, заврши епизодната улога на Мицкоски и неговата партиска клиентела. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, а не приватна партија и затоа е потребно во најкраток можен рок узурпираната партија да се врати на членството. Затоа бараме од Мицкоски да престане да купува време, да престане и понатаму да одработува за туѓи криминални и национални интереси, да престане да ја срами партијата и итно со целото партиско раководство да поднесе оставка“,
соопштија од ФРОДЕМ.
ФРОДЕМ забележува и дека статутарните промени за демократизација на партијата се носат кога „густо“, а кога тие барале такви промени биле нарекувани кодоши, предавници и биле исклучувани од партијата.
„Во таа смисла Мицкоски ја имаше поддршката од ФРОДЕМ за неселективно расчистување со криминалните партиски структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони желни за власт. Баравме да се стави крај и да им се каже довидување на сите оние кои живееја и профитираа од државата и партијата. Но, за жал сето ова беше игнорирано. Мицкоски заради сопствениот комодитет молчеше и не гледаше бидејќи поважни му беа должничко-доверителски односи со тие структури. Патем ја ‘усреќи’ партијата со кадри од времето на Бранко Црвенковски и кадри кои за вмровците велеа дека се безмозочна маса“,
велат од ФРОДЕМ.