Белгија е уште една земја која би можела да воведе задолжителна вакцинација во здравствениот сектор. Засега таква мерка официјално не се планира, но не се исклучува можноста.
Повикувајќи се на владини извори, медиумите посочуваат дека експертите и министрите за здравство го разгледуваат прашањето, но за сега остануваат на ставот дека е подобро да се оди на сензибилизација на населението.
Властите, како што јави дописничкaта на МИА од Брисел, се охрабрени од фактот што се зголемува поддршката на здравствените работници за вакцинација, па така во делови од земјата се постигнува речиси 80 отсто покриеност во овие професии.
Доколку падне поддршката или се забележи дека здравствениот персонал не се вакцинира не се исклучува да се врати прашањето на дневен ред и да се воведе задолжителна вакцинација, иако за тоа ќе биде потребна сериозна правна анализа, меѓу другото во однос на работниците кои работат под фриленсерски статус и не се врзани за ниту една установа.
Франција и Грција пред неколку дена донесоа одлуки со кои воведоа задолжителна вакцинација на медицинскиот кадар и на вработените во домовите за стари и немоќни лица. Премиерот на Грција, Константин Мицотакис извести дека негувателите и останатите вработени во домовите за стари лица имаат обврска да се вакцинираат најдоцна до 16 август. Доколку тоа не го сторат, без оглед дали работат во јавниот или приватниот сектор, тие ќе бидат суспендирани од своите работни места. За ваква опција од европските земји размислува и Хрватска. Покрај здравствениот сектор, таму се размислува и за вработените во системот за социјална заштита и во образованието.