Денеска премиерот повторно беше соочен со прашања – дали за него секое прашање упатено до коалицискиот партнер е некоректно, дали секое споменување на ДУИ е албанофобија и дали ќе се извини за вчерашниот настан. Тој не одговори директно, туку кажа дека го поддржува Битиќи кој вчера ја напушти прес-конференцијата
По Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Здружението на новинари (ЗНМ), осуда за односот на премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи кон новинарот на ТВ Алфа, Матеја Петроски, стигна и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).
Оттаму велат дека медиумите се еден од клучните столбови на демократијата и имаат важна улога во креирањето на критичкото мислење и известувањето за прашања што се од јавен интерес.
„Не смее да постои начин на комуникација кој е несоодветен и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да ѝ бидат пренесени информациите. Носителите на јавна функција треба да вложат максимални напори да дадат одговори на сите новинарски прашања кои се од интерес на јавноста, и истовремено да покажат почит кон новинарската професија и достоинството на медиумските работници“,
се вели во реакцијата на ААВМУ.
Претходно, ССНМ и ЗНМ реагираа за односот на владините претставници кон новинарите откако вчера на прес-конференција, по новинарско прашање упатено до премиерот Ковачевски во врска со претстојните претседателски и парламентарни избори – дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни како влада, ако не успеат изборите, целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ – вицепремиерот Битиќи го напушти пресот, а премиерот Ковачевски истакна дека прашањето било апсолутно некоректно.
„Едно навидум едноставно прашање, кое треба да добие едноставен одговор, од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, беше искористено од вицепремиерот Битиќи за некоректно однесување кон репортер коj одговорил на владината покана за следење на вчерашниот настан… ССНМ и ЗНМ предупредуваат дека овој начин на комуникација мора да запре затоа што новинарските прашања се професионална задача на репортерите, а одговорите се обврска на избраните функционери кои им ги должат на граѓаните“,
се вели во заедничката реакција на ССНМ и ЗНМ.
Денеска премиерот повторно беше соочен со прашања – дали за него секое прашање упатено до коалицискиот партнер е некоректно, дали секое споменување на ДУИ е албанофобија и дали ќе се извини за вчерашниот настан. Тој не одговори директно, туку кажа дека го поддржува Битиќи кој вчера ја напуштил прес-конференцијата.