Доколку предлогот биде доставен, посочи дека ќе се разгледува на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), закажана за 19 октомври
Не треба да се кратат веќе стекнатите права на работниците, рече денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши коментирајќи ја иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни денови.

Доколку предлогот биде доставен, посочи дека ќе се разгледува на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), закажана за 19 октомври.
„Работниците имаат стекнати права кои им припаѓаат ним. Празниците се за граѓаните што припаѓаат на која било религија и ние нема да интервенираме во тој дел“,
рече Дурмиши.
Досега, како што додаде, до Министерството не пристигнал предлог од Стопанската комора, но додаде дека, доколку биде доставен, ќе биде ставен на разгледување на ЕСС.
„Ние треба да работиме во делот на зголемување на продуктивноста во институциите, а не да ги демотивираме работниците со овие чекори“,
истакна министерот.
Стопанската комора на Македонија на прес-конференција на 5 октомври најави дека набргу до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник.
Според проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото на користење неработни денови.
На ова веднаш реагираа и претставниците на синдикатите, кои се спротивставија на дадениот предлог, со кој би се намалиле празниците за работниците.
