Хутите, милитантна група поврзана со Иран, во неколку наврати извршија ракетни и беспилотни напади во Црвеното Море, теснецот Баб ал Мандаб и Аденскиот Залив од ноември, во обид да ги принудат бродовите да испорачуваат товар преку други, подолги и поскапи рути околу Јужна Африка
Со беспилотни летала, хутите од Јемен го погодиле товарниот брод „МСЦ Орион“ во напад во Индискиот Океан, како и бродот „Киклади“ и два американски разурнувачи во Црвеното Море во серија напади што ги извршуваат со месеци како знак на поддршка за Палестинците кои се борат против Израел во војната во Газа.
Товарниот брод „МСЦ Орион“ бил нападнат со беспилотно летало, соопштија хутите, пренесува Ројтерс. Тој брод пловел под португалско знаме меѓу пристаништето Синес во Португалија и Салалах во Оман, а како сопственик на бродот е регистриран „Зодијак маритиме“, покажуваат податоците на британската финансиска компанија ЛСЕГ.
Брод поврзан со израелски бизнисмен
Компанијата „Зодијак“ е делумно во сопственост на израелскиот бизнисмен Ејал Офер. Оттаму засега не се огласиле со коментар.
Хутите, милитантна група поврзана со Иран, во неколку наврати извршија ракетни и беспилотни напади во Црвеното Море, теснецот Баб ал Мандаб и Аденскиот Залив од ноември, во обид да ги принудат бродовите да испорачуваат товар преку други, подолги и поскапи рути околу Јужна Африка и предизвикуваат страв од проширување на војната меѓу Израел и Хамас, што може да го дестабилизира Блискиот Исток.
Водачот на Хутите во март рече дека групата ја проширува својата област за напад за да спречи бродови поврзани со Израел да минуваат низ Индискиот Океан.
Хути: Погодивме и два американски разурнувачи
Групата поврзана со Иран, исто така, го погодила комерцијалниот брод „Киклади“, како и два американски разурнувачи во Црвеното Море, рече нивниот портпарол Јахја Сари во телевизиско обраќање рано денеска, пренесе Ројтерс.
Британската поморска безбедносна фирма „Амбри“ претходно објави дека товарен брод под знаме на Малта соопштил дека бил погоден од три проектили на пат од Џибути кон градот Џеда во Саудиска Арабија. Хутите рекоа дека бродот „Киклади“ бил на таа маршрута кога бил нападнат.
„Амбри“ процени дека бродот бил погоден бидејќи испраќачот тргува со Израел, се вели во советодавните белешки.
Америка и Велика Британија ги нападнаа хутите како одговор на нападите врз бродовите.