Екипа од пет пожарникари и едно противпожарно возило интервенираше околу 19 часот и пожарот е изгаснат, информираат од ТППБ

Вечерва, околу 19 часот, на булевар „Кочо Рацин“ во близина на ОУ „Димитар Миладинов“ и зградата на Црвен крст во центарот на Скопје изгорен е автомобил. Пожарот е локализиран од страна на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје.
Од видеата што се шират на социјалните мрежи се гледа дека од предниот дел на автомобилот излегува густ чад. Според очевидците автомобилот бил со гостиварски регистарски таблички.
„Екипа од пет пожарникари и едно противпожарно возило интервенираше околу 19 часот и пожарот е изгаснат“,
информираат од ТППБ.
Во пожарот причинета е материјална штета, а информации за повредени лица нема.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека во 18:45 часот Г. Д. (28) од с.Ростуше пријавил дека на булеварот „Кочо Рацин“ додека го управувал неговото возило „даеву ланос“ почнало да чади од хаубата и да избива пламен при што е изгорен делот кај моторот и шал таблата. Огнот е изгаснат од страна на противпожарна екипа.
Возилото што вечерва се запали е на истата локација каде што и во неделата беше опожарен еден автомобил „опел астра“. И тогаш беше предизвикана само материјална штета, без повредени лица.