„Пожега.еу“ пишува дека жртвата и осомничениот биле добри пријатели кои заедно играле за ист фудбалски клуб, тренирале и оделе на натпревари
Дваесет и едногодишен војник кој во саботата бил претепан од пријател во Пожега, починал од тешките повреди здобиени од бруталното претепување, потврдил Иван Вукоја, директор на болницата во Пожега за „24сата.хр“.
Повредениот млад човек го пронашле на паркингот кај плоштадот „Свето тројство“ во Пожега и го однеле во болница, каде што денеска починал.
Министерството за одбрана претходно соопшти дека младиот човек во моментот на нападот не бил на должност.
„Пожега.еу“ пишува дека жртвата и осомничениот биле добри пријатели кои заедно играле за ист фудбалски клуб, тренирале и оделе на натпревари.
„Заедно пораснаа од мали нозе, со разлика од само една година. Се дружеа, споделуваа добро и лошо. Беа неразделни“,
изјавија за „Пожега.еу“ шокирани мештани.
Војникот во болницата во Пожега дошол во многу тешка состојба и морало да му се изврши реанимација. Станува збор за повреди на главата, внатрешно крварење.
Како што неофицијално дознава „Нова ТВ“, бруталниот напад бил снимен од надзорните камери. Според нив, се работи за брутално претепување, односно за повеќекратни и силни клоци во главата на младиот војник, кој во еден момент изгубил свест.
Полицијата недалеку од местото на нападот пронашла 20-годишен осомничен, кој се правел дека не знае што се случило и сакал да им помогне. Но, потоа ги прегледале камерите за надзор и сфатиле дека „помагачот“ е всушност напаѓачот.