Хрватските власти наведоа дека не биле официјално информирани за можната посета, но и дека посетата на висок претставник на странска држава на Јасеновац не може да биде од приватен карактер. Српското МНР, пак, испрати нота до хрватската амбасада во Белград, која вршителот на должноста одбил да ја прими
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска планирал да ги посети Јасеновац и Пакрац, но хрватските власти нема да му дозволат влез во земјата, јавува хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
Вучиќ, според неименувани извори на весникот од хрватската влада, го контактирал претседателот на српската партија во Хрватска СДСС, Милорад Пуповац, и му рекол дека планира приватна посета на Јасеновац односно спомен обележјето каде се наоѓал усташкиот концентрационен логор во кој беа носени Срби за време на Втората светска војна. Како што пишува „Јутарњи лист“, тој го повикал Пуповац да му се придружи и му рекол дека ако смета оти е потребно, за посетата да ја извести и хрватската влада што лидерот на СДСС и го направил.
Изворите на хрватскиот весник наведуваат дека Вучиќ без службена најава на хрватските власти и без координација со амбасадата сакал да ја премине хрватската граница со Босна и Херцеговина и да отиде во Јасеновац, а потоа и во Пакрац.
Од хрватската влада неофицијално навеле дека Вучиќ не почитувал ниту еден протокол и дека целото патување сакал да го направи вон процедурите и правилата за дипломатски односи, како и дека со свои ТВ екипи сакал да ја помине границата и да прави што сака.
Официјално за случувањата, пак, се огласи Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска. Оттаму во образложението на забраната за приватната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на Јасеновац, соопшти дека Хрватска не била официјално информирана за можната посета, но и дека посетата на висок претставник на странска држава на Јасеновац не може да биде од приватен карактер.
Вучиќ со реакција се јави на социјалните мрежи испраќајќи порака: „Само вие работете си ја својата работа. Српскиот народ ќе живее и никогаш нема да заборави“.
Министерството за надворешни работи на Србија исто така реагираше и испрати нота до хрватската амбасада во Белград, која вршителот на должноста одбил да ја прими.
„Ова е застрашувачка одлука на хрватската влада, а Владата на Србија ќе донесе одлука за контрамерките што ќе бидат воведени“,
изјави денеска српскиот шеф на дипломатијата, Никола Селаковиќ.
По ваквиот развој на настаните српската вицепремиерка и министерка за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, ја откажа официјалната посета на Загреб каде треба да се сретне со хрватскиот колега за да разговараат за регионалната соработка и гасната интерконекција.
EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ