Портпаролот на Државното обвинителство во Вараждин, Дарко Галиќ, изјави дека се собираат информации за самиот пат и за сите настани кои му претходеле на излетувањето на автобусот од автопатот
Од обвинителството велат дека најважна е обдукцијата на загинатиот возач и информациите што ќе се добијат за неговата состојба, а додаваат дека неспорно е утврдено кој возач го управувал автобусот во моментот на несреќата
Возачот кој изгубил контрола над автобусот при сообраќајната несреќа во саботата во Хрватска имал 72 години, не бил под дејство на алкохол или наркотични дроги и не боледувал од акутни болести, неофицијално дознава ХРТ од извор близок до Државното обвинителство во Вараждин. Телевизијата објави и дека обдукцијата е завршена и телата на загинатите патници, возачот и совозачот ќе им бидат предадени на нивните семејства.
Од обвинителството потврдуваат дека и двајцата возачи на полскиот автобус се загинати, а обдукција е извршена на сите загинати.
Портпаролот на обвинителството, Дарко Галиќ, изјави дека се собираат информации за самиот пат и за сите настани кои му претходеле на излетувањето на автобусот од автопатот. Според него, најважна е обдукцијата на загинатиот возач и информациите што ќе се добијат за неговата состојба и додаде дека неспорно е утврдено кој возач го управувал автобусот во моментот на несреќата. „Возачот бил на возачкото седиште и врзан со појас“, изјави Галиќ.
Портпаролот рече и дека обвинителството треба да утврди дали е сторено кривично дело и кој евентуално го сторил, а потоа ќе се донесе одлука бидејќи против лице кое не е живо не може да се води кривична постапка.
По собирањето на сите податоци, обвинителството ќе одлучи дали постапката ќе се води во Хрватска или во Полска, имајќи предвид дека сите жртви се полски државјани.
Инаку, во Општата болница во Вараждин има уште седум пациенти кои беа повредени при излетувањето на автобусот од автопатот кај Брезнички Хум. Двајца од нив се во критична состојба. Во болницата во Чаковец има две жени со тешки повреди. Сепак, нивната состојба е стабилна.
„Се надеваме дека пациентите ќе ги пуштиме дома кон средината или на крајот на неделата, но сè зависи од тежината на нивните повреди. Во контакт сме со министерството и со полските претставници, сè ќе биде координирано според она што хирурзите го велат дека го дозволуваат повредите,“
вели директорот на Жупаниската болница во Чаковец, Игор Шеговиќ.
На Клиниката за трауматологија во Загреб, пак, има осум повредени патници и сите се во стабилна состојба која се подобрува.
Полскиот замник-министер за здравство Валдемар Краска изјави дека во текот на оваа недела во Полска може да бидат пренесени десетмина од повредените. Тој додаде дека идентификацијата на загинатите сè уште не е завршена – девет се веќе идентификувани, а тројца не.
Во сообраќајната несреќа во саботата животот го загубија 12 лица, а 32 се повредени. Автобусот ги носеше патниците на аџилак во Меѓугорје.