Денешната презентација на резултатите од пописот, кој беше спроведен пред точно половина година, не само што треба да покаже колку граѓани има тука, а колку се иселиле… туку ќе значи и потврда за капацитетот на институциите да спроведат до крај една ваква сложена статистичка операција, по две децении пауза
Имам огромна чест и задоволство да објавам дека пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, вечерва, официјално, успешно заврши. Вака го почна своето обраќање директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вечерта на 30 септември минатата година, прегрнувајќи се и честитајќи си со својот заменик Илми Селами, со кого, веројатно, стравуваа дали пописот воопшто ќе почне, со оглед на искуството во последната деценија, кога големата статистичка операција „редовно“ беше најавувана, па откажувана или одложувана за „подобри времиња“.
Како беше пред две децении
Резултатите од пописот 2021 година, кој заврши пред точно половина година, ќе бидат презентирани денеска, на церемонија во Македонската филхармонија, а по речиси 20 години чекање „нови бројки“, откако во 2011 година земјава ја прескокна пописната декада, така што, поради несогласувања меѓу партнерите во тогашната влада (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ), тогашната операција беше прекината пред да влезе во финална фаза. Поради тоа, во последната деценија главно се потпиравме на бројките од постконфликтната 2002 година, според кои државата на 31 октомври 2002 година броела 2 022 547 жители, според податоците од публикациите на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според пописот пред две децении, во октомври 2002 година во земјава имало 564 237 домаќинства, со по 3,58 члена во просек.
Етничката застапеност на населението и Рамковниот договор
Во тоа време со најголема нетрпеливост се очекуваше бројката на население според етничката припадност, со оглед на тоа што пописот беше спроведен во годината по безбедносниот конфликт во земјава кој заврши со постигнувањето на Рамковниот договор и промени на Уставот, во насока на унапредување на правата на етничката заедница која е застапена со над 20 отсто во земјава. Пописот во 2002 година покажа дека во октомври таа година во земјава живееле 509 083 етнички Албанци, а од немнозинските заедници следни по застапеност се Турци, Роми, Власи, Срби и Бошњаци, како заедници спомнати во Преамбулата на Уставот. Како етнички Македонци се изјасниле 1 297 981 од вкупно 2 022 547 граѓани на земјава.
Со оглед на тоа што првата година од секоја нова декада се смета за пописна година на светско ниво, Македонија во 2011 година на големо се подготвуваше за нов попис на населението и домаќинствата. И покрај многуте политички превирања што ѝ претходеа, вклучително со одложувањето поради предвремените парламентарни избори во јуни, статистичката операција успеа да почне на 1 октомври 2011 година, но не и да заврши. На 11 октомври, четири дена пред денот определен за завршување на попишувањето, тогашната пописна комисија излезе со соопштение дека поднесува колективна оставка и дека пописот е прекинат.
Пропаднатиот попис во 2011 година
Седум и пол години подоцна, во март 2018 година, тогашното СЈО отвори истрага под кодно име „Попис“, со двајца осомничени – Али Ахмети и Никола Груевски – партнери во Владата во периодот кога пропадна пописната операција.
„Постои основано сомнение дека со цел, како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет за да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во државата, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население од Република Македонија, осомничените помеѓу 10 и 11 октомври, 2011 година се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија“,
рече обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата на која беше објавено дека се отвора истрага за пропаднатиот попис.
Но, слично како и тој попис, и истрагата за причините и мотивите за неговото пропаѓање не дочека завршница, односно судска разврска. Кон крајот на 2020 година, Обвинителството донесе наредба за запирање на истрагата, со образложение дека не се собрани доволно докази за да може кривично да се гонат експретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и бивш премиер Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Во тој период новата влада на СДСМ и на ДУИ, предводена од Зоран Заев, веќе најавуваше дека следната 2021 година ќе го спроведе тоа што во 2011 година не ѝ успеа на владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, на чело со Груевски. Но и овој пат работите не одеа мазно, на што влијаеше и ковид-кризата.
Попишувањето почнуваше двапати
Пописот во 2021 година, всушност, имаше два почетоци: Едниот на 1 април, како првичен термин што беше предвиден за попишување, а вториот (вистинскиот) почеток беше на 5 септември, кога операцијата беше истуркана до крај на 30 септември, и покрај предизвиците, во голем дел од техничка природа, со кои се соочуваа попишувачите.
Иако имаше и најави за можен бојкот на пописот, кои, главно, доаѓаа од опозицискиот табор, на крај беше постигнат политички договор операцијата, наместо на 1 април, да почне на 5 септември.
Резултатите од деветтиот попис на населението во земјава ќе бидат објавени денеска. Како што беше објавено по завршувањето на пописот, во текот на операцијата се попишани вкупно 1 832 696 лица, 568 175 домаќинства и 837 255 стана. Од ДЗС тогаш информираа дека, со примена на комбиниран пописен метод и со користење на новите техничко-технолошки алатки, се овозможи ефикасно следење на попишувањето и опфатот на единиците на попис на терен. Изразено во бројки, тоа значи дека: од опфатените објекти за живеење, 91 отсто беа предмет на попис, а 9 отсто се објекти што не беа предмет на попис.
„Сите објекти што беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние што и тоа не успеаја да го направат, сепак, ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите што ќе се користат при обработката на податоците, така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата“,
изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски, лани на 30 септември.
Значењето на податоците од попишувањето
По Втората светска војна, во Македонија се спроведени пописи во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година. Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада и тој попис е првиот по осамостојувањето од некогашната СФРЈ.
ОД ДЗС велат дека современите пописи се важен статистички извор за прибирање индивидуални податоци за населението, домаќинствата и становите од најниско географско ниво до ниво на држава и притоа:
- претставуваат значајна основа за современо одлучување и управување на сите нивоа;
- обезбедуваат голем фонд на релевантни статистички податоци неопходни за научни и стручни анализи на состојбите и идните макроекономски планирања на развојот на земјата;
- обезбедуваат континуитет и споредливост со резултатите од претходните пописи;
- претставуваат наследство кое треба да се обезбеди за сегашните и за идните генерации.
Државите членки на ООН се обврзани на спроведување попис на населението и домувањето во согласност со донесените меѓународни препораки за пописите на населението и домувањето, подготвени од Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат.