Во врска со денешните заклучоци за Западен Балкан, германската амбасадорка во земјава вели, за ДВ, дека се однесуваат на шесте земји во регионот и затоа е важно што тие беа усвоени, за да се покаже дека проширувањето продолжува
Германија ѝ честита на македонската влада за државничкиот однос во изминатиот период, вели во разговор за Дојче веле германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн.
Во врска со заклучоците на ЕУ, предложени од актуелниот претседавач Германија, Холштајн вели дека важат еднакво за сите.
„Главната причина за усвојувањето на овие заклучоци е давањето сигнал за веродостојноста на перспективата за проширување. Заклучоците се однесуваат на шесте земји во регионот на Западниот Балкан и затоа е важно што тие беа усвоени за да се покаже дека проширувањето продолжува“,
вели Холштајн за ДВ.
За членот 8 заклучоците, во кој се спомнуваат Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, амбасадорката објаснува дека станува збор за истата реченица што беше наведена во заклучоците на Советот за проширувањето во 2018 година.
„Формулацијата не е нова и веќе беше во употреба од 2018 година. Таа е еднакво валидна за Бугарија, Грција и за Северна Македонија. Оттука, таа може да биде основа за продолжување на заедничката работа. За нас како претседавачи беше важно да ги усвоиме овие заклучоци за да покажеме дека сите земји-членки се посветени на проширувањето“,
вели германската амбасадорка.
Од почетокот на следната година, претседателствувањето со ЕУ го презема Португалија, а, според Холштајн, тоа не треба да загрижува, напротив.
„Проширувањето е во добри раце со следното португалско и потоа словенечко претседателство. Ние со нив формиравме тројно-претседателство за период од 18 месеци- ги усогласивме нашите програми, многу тесно соработуваме и нашите португалски пријатели кои сега ќе преземат се многу свесни дека одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и, доколку се исполнат условите и со Албанија, е приоритет”,
вели амбасадорката на Германија во Скопје.