Компромисот, како што објави МИА од Брисел повикувајќи се на дипломатски извори, се состои од вметнување на референца за погрешно толкување на историјата и долгото име на Северна Македонија
Усвојувањето на овие заклучоци за Западен Балкан не претставуваат откочување на преговарачката рамка со Северна Македонија
Заклучоците за Западен Балкан во однос на проширувањето попладнево се потврдени од страна на 27-те амбасадори на ЕУ во Брисел, откако претходно беше постигнат компромис и Бугарија ја повлече блокадата.
Компромисот, како што објави МИА од Брисел повикувајќи се на дипломатски извори, се состои од вметнување на референца за погрешно толкување на историјата и долгото име на Северна Македонија.
Вчера германското претседателство предложи нов текст кој го вклучува барањето на Бугарија.
Заклучоците за проширувањето на ЕУ беа замрзнати поради блокадата на Бугарија за преговарачката рамка со Северна Македонија, како еден вид притисок врз Софија, но конечно денеска прифатени се барањата на Бугарија во однос на „погрешното толкување на историјата“ и употребата на долгата форма на името на Северна Македонија.
„Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекора би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“,
се наведува во конечниот текст предложен вчера од германското претседателство во однос на историјата.
Овој дел не се појавуваше во заклучоците до крајот на ноември, но Бугарија инсистираше, повикувајќи се на заклучоците на Советот на ЕУ од 2018 година, под нејзино претседателство, кога првпат е спомената оваа реченица, по склучувањето на Преспанскиот договор.
Некои дипломати за МИА коментираат дека дел од овој компромис е сепак во полза на Северна Македонија, бидејќи вметнатата компромисна реченица не се наоѓа во пасусот од документот кој се однесува само на Северна Македонија, туку е вметнат во преамбулата на текстот во параграфот посветен на регионалното помирување, а сепак се однесува на Северна Македонија.
Освен реченицата која се однесува на историјата, прифатено е и барањето на Бугарија за употреба на долгата форма од името на нашата земја, бидејќи во нацрт – верзијата од вчера во цел текст се користи Република Северна Македонија, за разлика од претходните нацрт – заклучоци кога се користеше кратката форма, Северна Македонија. За сите други земји, во или вон ЕУ, се користи кратката форма, освен за Северна Македонија.
Без компромис, ЕУ ќе останеше без никакви заклучоци за проширувањето на крајот од оваа година, што за германското претседателство ќе беше „дебакл“, велат дипломати од земји членки на ЕУ.
Заклучоците ќе се усвојат преку писмена процедура, за што се потребни 24 до 48 часа, а Советот на ЕУ ќе ги објави официјално штом тие бидат усвоени преку писмена процедура, веројатно до крајот на оваа недела.
Усвојувањето на овие заклучоци за Западен Балкан не претставуваат откочување на преговарачката рамка со Северна Македонија. Бугарија и натаму ја блокира рамката и одржувањето на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.