Најновиот нацрт-заклучок, во кој новинари на РСЕ имале увид, содржи компромисна дефиниција, која, како што велат дипломатските извори, ги задоволува бугарските барања, со што е одблокиран процесот на донесување заклучоци
Бугарија бараше во крајните заклучоци за Северна Македонија да биде внесен пасус од јули 2018 година, кој гласи „ова треба да им стави крај на сите барања базирани на погрешна интерпретација на историјата“
Одблокирани се заклучоците за Западен Балкан, со тоа што е пронајдена компромисна реченица која ги задоволува бугарските барања за добрососедските односи и тие ќе бидат усвоени, објави дописникот на Радио слободна Европа од Брисел повикувајќи се на дипломатски извори.
Најновиот нацрт-заклучок, во кој новинари на РСЕ имале увид, содржи компромисна дефиниција, која, како што велат дипломатските извори, ги задоволува бугарските барања, со што е одблокиран процесот на донесување заклучоци.
„Изјави и работи што негативно влијаат на добрососедските односи мора да се избегнуваат. Советот на ЕУ потсетува на Договорот од Преспа меѓу Република Северна Македонија и Грција, како и на Договорот за добрососедски односи и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната примена. Овие два чекора треба ефективно да стават крај на сите тврдења засновани на погрешна интерпретација на историјата“,
се вели во нацрт-заклучокот што го цитира РСЕ.
Од друга страна, прашањето за усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија, како што велат дипломатските извори за дописникот на РСЕ од Брисел, претходно се тргнати од дневен ред поради бугарското вето.
На состанокот на амбасадорите на земјите членки кој се одржува денеска се очекува да се одобри пишана процедура за усвојување на заклучоците за Западен Балкан, кои формално ќе бидат усвоени в четврток.
Овие заклучоци ќе ја потврдат посветеноста на Советот на ЕУ на проширувањето како клучна политика на европскиот блок, но од земјите од Западен Балкан се бара да вложат дополнителни напори во клучните реформи, посебно во оние што се поврзани со владеење на правото.
Овој документ се очекува, меѓу другото, да ја потврди важноста на донесување правда за жртвите од воените злосторства. Се бара ефикасно и без дискриминација да се водат предметите против домашните воени злосторници, вклучувајќи и целосна соработка и поддршка на Меѓународниот механизам за кривични и специјални судови.
„Советот на ЕУ подвлекува дека во ЕУ нема место за запалива реторика и величање воени злосторници, од ниту една страна,“
е наведено во документот на кој се повикува РСЕ.
Бугарија бараше во крајните заклучоци за Северна Македонија да биде внесен пасус од јули 2018 година кој гласи „ова треба да им стави крај на сите барања базирани на погрешна интерпретација на историјата“ поради што усвојувањето беше блокирано.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на прес-конференцијата по повод стоте дена Влада, во понеделникот најави дека не е исклучено да се одржи уште еден состанок на амбасадорите неделава, на чиј дневен ред ќе биде и прашањето за С Македонија, но истакна дека не би сакал да дава големи надежи околу исходот.
Тој рече дека како и самите ние така и Германија, која претседава со ЕУ до крајот на годинава, ќе ја искористи секоја можност да се направи пробив во однос на усвојување на преговарачката рамка.