Холандскиот парламент денеска изгласа резолуција со која се бара од владата на премиерот Марк Руте да не поддржи почеток на пристапни преговори за ЕУ со Албанија. Резолуцијата беше поддржана од три од петте владејачки партии.
Иста таква резолуција беше предложена од опозициската Социјалистичка партија и за Северна Македонија, но таа не помина. Тоа значи дека парламентот во Хаг и испраќа порака на холандската влада дека може во Советот на ЕУ да поддржи старт на пристапни преговори со С. Македонија, но не и во пакет со Албанија.
Дали ова раздвојување на двете држави од Холандија може да влијае на промена на ставот на Германија, ќе биде појасно по средбата Меркел-Заев во Берлин. Германската канцеларка инсистира на одлука за С. Македонија и Албанија заедно и затоа сака да ја пролонгира темата за наесен. Но, сите сигнали од Хаг се дека мнозинскиот став во холандскиот парламент против отворање преговори со Албанија, деклариран денеска, нема да се смени до октомври. Тоа би можел да биде аргумент за носење одлука само за С. Македонија од Советот на ЕУ во јули.