Властите веруваат дека мерките се клучни за заштита на болниците во земјата од преоптоварување
Од денеска во Холандија на сила е делумен карантин, во услови на рекорден број случаи на заразени со коронавирус и загриженост за ширење на потенцијално позаразната нова варијанта омикрон.
Најмалку во следните три недели, угостителските и културните институции како што се кафулињата, музеите и кината мора да затвораат во 17 часот по локално време. Властите веруваат дека мерките се клучни за заштита на болниците во земјата од преоптоварување, пренесуваат агенциите.
Според Би-би-си, Холандија нема доволно слободни места за лекување на интензивна нега, операциите се откажани, а стотици луѓе умираат од ковид секоја недела.
Во петокот беа пријавени повеќе од 22 000 нови заразени на ден, а новите мерки се дизајнирани да ја стават под контрола рекордно високата стапка на инфекција.
Во меѓувреме, околу 60 луѓе се тестираат на новата варијанта. Сите тие неодамна пристигнаа со два лета од Јужна Африка, каде што беше откриен новиот вид омикрон претходно овој месец.
Патниците биле позитивни на ковид-19 и биле ставени во карантин во хотел во близина на аеродромот Шипхол во Амстердам, бидејќи ги поминале дополнителните тестови, соопштија холандските власти.
Светската здравствена организација соопшти дека варијантата е загрижувачка, а раните докази укажуваат на поголем ризик од повторна инфекција.
Бројни земји ширум светот ги забранија летовите до и од Јужна Африка и неколку соседни земји.
Белгија, Велика Британија, Италија и Германија досега регистрираа случаи на заразени со омикрон, а сите пристиигнале од африканските земји.